Македонија
Исаки: Пријателството меѓу Македонија и Хрватска постојано се надградува
Односите и соработката меѓу Република Северна Mакедонија и Република Хрватска се во постојана нагорна линија, истакна заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки по средбата со државниот секретар во Државниот уред за Хрватите надвор од Хрватска, Звонко Милас.
„Пријателството во последните три децении континуирано се надградува со продлабочување и зајакнување на меѓусебниот политички дијалог, економската соработка, културната, трговската и туристичка размена и соработка во многу други сфери. Не помалку значаен сврзник во нашите меѓусебни односи се и претставниците на нашата заедница во Хрватска и на хрватската во Северна Македонија, кои преку низа активности остануваат во постојан контакт со својата матичната држава, култура и јазик и паралелно даваат особен придонес во квалитетот на нашите одлични билатерални односи и соработка“, рече Исаки.
Додаде дека во заеничкиот разговор бил поздравен фактот што двете влади имаат многу позитивен однос кон прашањата за малцинствата, кои претставуваат комплексни теми.
„Малцинствата ги споделуваат истите проблеми со кои се судираат сите граѓани во една држава, почнувајќи од актуелната пандемија до социо-економските прашања, но истовремено имаат и дополнителни предизвици поврзани со зачувување на нивниот културен и национален идентитет, а пред сè заштитата на културното наследство, образование и негување на мајчиниот јазик“, предочи Исаки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
651 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 585 за пребрзо возење
Во текот на вчерашниот ден преку системот „Безбеден град“ констатирани се вкупно 651 прекршоци, извести МВР.
„Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 50 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 585 прекршоци, а за нерегистрирани возила 16 прекршоци.
При тоа изречени се вкупно 58 забрани за управување на моторно возило“, соопшти МВР.
Од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Македонија
Електродистрибуција: Tешка кражба на електрична енергија од трафостаница, штета од 16 милиони денари
„Тимот за откривање на неовластено користење на електрична енергија побара спроведување на пребарување од МВР и вклучување на вешто лице, поради основи на сомневање за наводна кражба на електрична енергија во деловен објект на улица „Бутелска“ во Скопје“, известуваат од Електродистрибуција.
„Констатирано е: противправно користење на електрична енергија преку неовластено приклучување на три нисконапонски кабли во самата трафостаница во сопственост на Електродистрибуција. Деловен објект, поранешен млин, користен за неовластено снабдување на системи со графички картички за копање биткоини“.
Електродистрибуција информира дека е поднесена пријава за неовластено преземање на електрична енергија до МВР и дека е изготвена Фактура за надомест на штета во износ од 16 милиони денари.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.

