Македонија
Искуства на младите: Што е потребно за да се биде успешен во Македонија?
УСАИД беше домаќин на конференција за млади лидери на тема „Патот на Македонија од развој до самоодржливост” во кино Фросина – Младински културен центар (МКЦ) во Скопје. На полудневната конференција, учесниците имаа можност да ги слушнат инспиративните говори на едни од најуспешните млади македонски таленти, кои ја пренесуваа нивната лична приказна и успех како и панел дискусија за тоа „Што е потребно за да се биде успешен во Македонија?”. Конференцијата беше последна од низа активности на УСАИД Mакедонија за одбележување на 25 годишнината од работењето во Македонија.
Обраќајки им се на учесниците на конференцијата, претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Македонија, Дејвид Атебери, рече: „Ние сме тука во улога на катализатор кој ги поставува основите за успехот на Македонија, но на крајот иднината на земјата е дефинирана од нејзината младина, нејзините граѓани, нејзините идни лидери. Предизвиците што ги преземате, изборите што ги правите и напорите што ги вложувате ќе определат колку бргу Македонија ќе стане земјата каква што посакувате да биде“.
Ирена Чаушевска, соосновачка на бизнис академијата и акцелератор Њуменс , Дона Костуранова, извршна директорка на Младинскиот образовен форум, Сатки Исмаили, директор на основното училиште “Кирил и Методиј” од Тетово, Дороти Пачкова, основачка и извршна директорка на „Една прави”, Елена Кочоска , раководителка на програми во „Полио плус” и Сефер Селими, основач на здружението за унапредување на демократијата „Демокраси Лаб”, беа говорници на конференцијата додека Нина Ангеловска, соосновачка и генерална извршна директорка на „Групер”, Жарко Димитриоски, соосновач на агенцијата „1 на 1”, Ана Голејшка од „Ретвитни оброк” и Мерал Мусли Тајроска, амбасадорка и претставничка од Македонија на организацијата „Жени без граници” учествуваа како панелисти.
Завршувајќи ја конференцијата, амбасадорот на САД во Mакедонија, Џес. Л. Бејли додаде: „Слушајќи ги приказните на говорниците денес, знам дека може да успееме. Она што ме интересира е што ќе случи со сите овие приказни за 10-15 години. Верувам дека едно е точно а тоа е дека на тој пат нашите две земји и нашите два народа ќе станат уште поблиски и посилни партнери. Верувам дека ќе продолжиме со овие дискусии, овие партнерства, како што вашата земја ќе стане посилна и се повеќе ќе се потпира на тоа што го има“.
УСАИД покани стотина млади учесници на конференцијата за да слушнат примери за успешни стартапи, иницијативи од заедницата, социјални претпријатија и граѓански акции кои имаат позитивно влијание низ целата земја. УСАИД верува дека овие млади луѓе кои учествуваа во конференцијата ќе бидат идните претприемачи и лидери кои ќе ја водат Македонија на патот до самоодржливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

