Македонија
Исмаил од Левица: Мицкоски и Тошковски избегнаа да одговорат на суштински прашања за трагедијата во Кочани
Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, обвини дека премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, избегнале да одговорат на прашањата на пратениците во врска со трагедијата во Кочани. Во статус објавен на неговиот Фејсбук профил, Исмаил наведува дека на последната седница за пратенички прашања во Собранието, двајцата функционери оставиле низа отворени дилеми во врска со институционалното постапување:
„На кои прашања не дадоа одговори премиерот Мицковски и министерот Тошковски на Седницата за пратенички прашања во Собранието:
Премиерот Мицковски не одговори на следниве прашања:
Зошто Премиерот, на првата прес конференција после трагедијата во Кочани, го бранеше градоначалникот на Кочани, изјавувајќи дека тој не бил виновен – дали ова не е Владино прикривање на осномничени?
Зошто „кризниот штаб“ на премиерот не е формиран во согласност со Законот?
Зошто на првата прес-конференција Мицкоски објави писмени документи со кои ја загрози и компромитираше истрагата?
Дали сето ова Премиерот го направи со умисла или од небрежност?
Дали со тоа што претходно со одлуки на владата, во писмени постапки во кои по разни основи бараше разрешување на Јавниот обвинител на РМ, а сега, после трагедијата во Кочани кога вели дека нема проблем со Јавниот обвинител, во суштина му нуди заемна корист?
МВР – Тошковски не одговори на следниве прашања:
Зошто ниту еден од актуелните директори и раководители на институции во чиј мандат се случува инцидентот во Кочани, а кои по разни основи имаат одговорност и надлежност да постапат, а не постапиле – не се осомничени, односно не се опфатени со истрагата?
Дали дел од раководните лица на МВР во тој регион се активисти на партијата од која доаѓа Министерот Тошковски, односно членови на ВМРО ДПМНЕ?
Зошто МВР не го прекинала настанот во кабарето „Пулс” кога очигледно ги увидела следниве работи:
– Настанот не бил пријавен до СВР Штип и ОВР Кочани;
– Полицијата гледала и не реагирала на присуството на малолетни лица после полноќ како и точење на алкохол на малолетни лица;
– Полицијата очигледно видела дека има огромна дискрепанца помеѓу продадените билети и актуелната бројка на луѓе во објектот;
Дали е точна информацијата дека објектот почнува да се реновира токму по смената на началници со новата влада, јули 2024 година, и истиот се отвора во ноември истата година и тоа без лиценца, а сепак полицајците оделе во полициски акции во сега веќе дивото кабарe.
П.С. Министерот за внатрешни одговори само на едно прашање, дека чувствува морална одговорност, но тоа не му пречи да не даде оставка…” – напиша пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

