Македонија
Испитувањата завршија, водата за пиење во Берово е безбедна
Водата за пиење е повторно целосно безбедна за употреба, откако трите последователни анализи спроведени во акредитирана лабораторија потврдиле дека примероците ги исполнуваат сите законски пропишани стандарди за квалитет.
Од Јавното претпријатие за комунални работи „Услуга” појаснуваат дека анализите биле спроведени согласно барањата од Правилникот за безбедност и квалитет на вода за пиење (Сл. весник бр. 183/18), кој ги утврдува критериумите за бактериолошка и физичко-хемиска исправност на водата.
Резултатите покажале дека ниту еден од параметрите не отстапува од дозволените граници, што укажува на стабилизација на состојбата и квалитет кој е во согласност со строгите стандарди за здравствена безбедност.
Дополнително, инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство извршил увид во добиените резултати и официјално дал одобрение дека водата е целосно исправна за пиење и може без ограничувања да се користи од страна на домаќинствата и институциите.
Од Општина Берово посочуваат дека во изминатиот период биле преземени низа мерки за континуирано мониторирање на состојбата, со цел да се обезбеди максимална заштита на јавното здравје. Воедно упатуваат благодарност до граѓаните за нивната трпеливост, разбирање и соработка додека траеле дополнителните испитувања и контроли.
Како што истакнуваат од општината, мониторингот на квалитетот на водата ќе продолжи и во наредниот период, со цел навремена реакција и зачувување на високото ниво на безбедност во водоснабдувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

