Македонија
Истекува рокот за распишување локални избори, кој ќе ги распише?
Денеска, понеделник 6 март, е последниот рок кога Собранието треба да ги распише редовните локални избори, но по одржаните предвремени парламентарни избори, нема влада, а сѐ уште не е избран ни претседател на Собранието.
На 30 декември се одржа конститутивната седница на новиот собраниски состав, на која само се верификуваа мандатите на пратениците, но не се избра и претседател на Собранието.
За да се испочитува рокот за локалните избори, денеска треба да продолжи конститутивната седница, да се избере претседател и тој да ги распише локалните избори за градоначалници и советници кои треба да се одржат во првата половина на мај.
Како што вели Изборниот законик од денот на распишувањето до денот на одржувањето на изборите не може да поминат повеќе од 90 дена, ни помалку од 70 дена. Право да распише избори има само претседател на Собранието кој е изгласан од најмалку 61 пратеник од актуелниот парламентарен состав.
Според Уставот и Изборниот законик денеска е последниот рок за распишување на локалните избори. „Изборите за членови на совет и за градоначалник се одржуваат секоја четврта година истовремено во сите општини, во првата половина во месец мај“, стои во член 16, став 1 од Изборниот законик.
Политичките партии кои освоија пратеници во новиот собраниски состав имаат различни ставови во однос на изборите.
Така ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да се одржат нови, предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните, во мај.
Од СДСМ пак сметаат дека треба да се продолжи конститутивната собраниска седница, да се избере претседател на Собранието и да се формира нова влада. Од СДСМ рекоа дека ќе почекаат неколку дена претседателот Ѓорге Иванов да се премисли, да му го даде мандатот на нивниот лидер Зоран Заев за формирање влада за да се врати уставниот поредок. Заев му достави на Иванов 67 потписи од пратеници за да го добие мандатот за формирање влада, откако тоа не му успеа на првиот мандатар Никола Груевски, кој на предвремените парламентарни избори освои 51 мандат. Сепак, Иванов и покрај тоа што побара како гаранција за формирање нова влада минимум 61 потпис, што е еднакво на просто мнозинство во парламентот, тој не му го даде мандатот на Заев, затоа што смета дека не може да го даде на човек кој преговара за туѓа платформа, алудирајќи на платформата на Албанските партии, потпишана по изборите, а изработена со посредство на албанските и косовските челници.
Во ДУИ велат дека не се заинтересирани за одложување на локалните избори и дека законскиот рок за распишување локални избори треба да се почитува.
Уставот дозволува Собранието со двотретинско мнозинство да изврши измени во Изборниот законик и локалните избори да се одложат.
„Локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“, се вели во амандманот 16 од Уставот.
Овие измени може да важат само за овие избори. Пред локалните избори во 2013 година беа направени измени во Изборниот законик за продолжување на роковите за регистрација на кандидати. Ова беше сторено поради бојкотот на работата на Собранието од пратениците на СДСМ.
Ако изборите не се одржат во мај, градоначалниците на општините и општинските совети повеќе нема да имаат никакви надлежности, а пречекорувањето на предвидениот рок повлекува измени во Изборниот законик и нов датум за локални избори./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oбиколница за Прилеп и автопат од Фариш, најави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска од Прилеп најави три крупни инфраструктурни проекти за долгорочен развој за општината.
Интенизивно се гради автопатот Прилеп – Битола, се започнува постапка за изградба и на нов автопат од Фариш до Прилеп, а во соработка со општината веќе се работи на план за изградба на обиколница, истакна вицепремиерот Николоски.
„Автопатот Прилеп – Битола се гради со засилена динамика и очекувам годинава да бидат поставени и првите километри асфалт. Второ, градоначалникот амбициозно работи на проектна програма, со цел да се направи обиколница на градот, за тешките возила да не влегуваат во градот, нешто што е ветувано децении наназад. Тој е прв што е решен да прави ваква програма и еве да дадам ветување дека ние како Влада ќе го финансираме целокупно овој проект и овој проект ќе биде реализиран во рамки на неговиот мандат.
И трето, во интензивни преговори сме, мислам дека во следните месец до месец и пол ќе видите и активности во Собранието, за она што го ветив, а тоа е од Фариш до Прилеп исто така да одиме со автопатско решение, како Прилеп од двете страни би бил поврзан со автопат”, изјави заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.
На одбележувањето на настанот 100 дена локална власт во Прилеп, вицепремиерот истака дека Владата овозможува сериозна подршка за општината и градоначалникот Проданоски, во насока на економски и инфраструктурен развој на градот.
„Сакам да му честитам на градоначалникот за успешната работа во овие 100 дена. Таа работа се гледа во сите делови од градот, 100 дена е навистина краток период но може да се види каде ќе се развива општината во следниве четири години и убeден сум дека ова ќе е исклучително успешен мандат. Ние како Влада ќе продолжиме со подршката која што ја дававме во изминатиот период, дали се работи за средства кои директно се префрлаат од буџетот кон општината за да може да реализира инфраструктурни проекти, дали се работи за подршка на стопанството или земјоделието, сето она што сме го ветиле на најдобар можен начин ќе се обидеме да го реализираме“, изјави вицепремиерот Николоски.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.

