Македонија
Истече и рокот: Одлука дали Јанкуловска е дискриминирана – нема, таа чека соодветен третман во „Идризово“
Поминаа 73 дена од поднесувањето на претставката од Гордана Јанкуловска до Комисијата за заштита од дискриминација, а до овој момент, нејзиниот сопруг и адвокат Влатко Илиевски нема добиено никаков одговор. Таа се жали дека е дискриминирана во затворот „Идризово“ каде одлежува затворска казна затоа што не може да ги користи погодностите кои и следуваат со закон, а само затоа што е женско. Од Комисијата за „Макфакс“ велат дека предметот е комплициран и се разгледува од сите аспекти. Адвокатот Илиевски за „Макфакс“ дека побарале и ургенција.
„На 23.02.2023 е поднесена Ургенција до Комисијата, бидејќи рокот од 60 дена во кој треба да постапи Комисијата истече. До сега, не сме добиле никакво известување од Комисијата“, посочува Илиевски за „Макфакс“.
Исмаил Камбери, претседател на Комисијата за заштита од дискриминација, посочува дека претставката од Јанкуловска е разгледувана најмалку четири пати на седница. Објасни дека станува збор за комплициран случај.
„Да многу комплициран предмет е. Во петок имаме стручна помош од Управата за извршување санкции. Во наредна недела треба да ја имаме“, посочува Камбери за „Макфакс“.
Во претставката на Јанкуловска стои дека погодностите се тесно поврзани со третманот кое осуденото лице го има во казнено-поправната установа. Таа е распоредела во групата „Б2“, како лице од висок или среден ризик. За да биде преместена во друга група, затворскиот правилник налага дека против неа не треба да се водат други постапки.
„И токму тука е содржана дискриминацијата бидејќи осудените лица од женски пол можат да служат казна затвор само во КПУ Идризово која што установа е од затворен тип. Машките осудени лица, по отслужување на дел од казната (откако ќе им остане помалку од 3 години казна затвор), можат да побараат и добиваат преместување во друга установа од полуотворен или отворен тип, каде што важат членовите 8 и 9 од Правилникот, каде не е пропишан условот да не се водат други постапки за распоредување во соодветните групи“, посочува адвокатот Илиевски.
Условот да не се водат други кривични постапки за затвореник да може да биде сместен во полиберални групи, според правниците не е во согласност со член од Законот за извршување санкции. Ексдиректорот на Управата за извршување санкции, во интервју за „А1он“ и самиот призна дека Јанкуловска и другите затворенички се дискриминирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Бранителите и нивните семејства се заборавени, а терористите на УЧК се амнестирани и во институциите
Левица во Битола оддаде почит на загинатите бранители во Вејце.
„На денешен ден пред 23 години се случи најкрвав и најбрутален масакр во поновата историја на Македонија. Од заседа масакрирани, а потоа живи запалени и ѕверски биле убиени осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици „Волци“ и на „Посебната единица на СВР Битола“. Во нивна чест, денес во Битола беше посетен Споменикот на Бранителите, од Генералниот секретар и Носител во ИЕ5 Јована Мојсоска, Советникот Горан Велевски и Секретарот на ЛО Битола Бранислава Стојановиќ. Положено беше свежо цвеќе и беше оддадена почит на загинатите“, велат од Левица.
Членови на ЛО Битола го посетија и родното место на загинатиот бранител Илче Стојановски, Породин. Положија свежо цвеќе на спомен обележјето на загинатите од Вејце и присуствуваа на настанот оджржан во чест на Бранителот Илче Стојановски.
„И после 23 години, бранителите и нивните семејства се заборавени, а терористите на УЧК се амнестирани и во институциите. Воени злосторства не застаруваат и правда за македонските херои кои го положија животот за Македонија мора да има“, пишуваат од партијата.
Македонија
(Видео) Лукаревска: СДСМ е одговорна партија, ние не манипулираме
“Прогресивните граѓани знаат дека со СДСМ има слобода, има демократија и сигурна иднина, и токму тие граѓани се и наши најдобронамерни критичари, затоа што се демократи и затоа што имаат изградено граѓанска свест, за да биде подобро. Но во суштина тоа сме НИЕ, истите тие, што ја сакаме државата слободна, демократска, отворена, модерна, развиена. Исти вредности споделуваме, тие вредности секогаш не обединувале, и кога било најтешко и кога е најважно. Да не го потцениме моментот, сега е најважно. Важно е на 8 мај да покажеме дека сме обединети и дека заедно и подобро ќе продолжиме да работиме”, рече Сања Лукаревска, носителка во третата изборна единица.
СДСМ е одговорна партија. Ние не манипулираме, не продаваме бесперспективни илузии кои ја разградуваат државата од внатре, и и ја ослабуваат позицијата надвор. Тоа нема да го дозволиме и затоа ја бараме вашата поддршка на 8 мај, рече Лукаревска.
“Да не дозволиме она што го изградивме заедно, да се урне за само еден ден, да се вратиме назад – на поделбите на наши и ваши, на привилегирани и на казнети, на поттикнати внатрешни конфликти, а всушност сите изманипулирани, зашто тој концепт не нуди иднина. Се е јасно, се е веќе видено и чуено и тоа ни дава уште поголема верба дека сме на исправниот пат. И затоа не се откажуваме, веруваме во социјалдемократските вредности, веруваме во погресивните граѓани и веруваме дека на 8 мај можеме да продолжиме заедно”.
Македонија
(Графика) Лани во Македонија се случиле 108 несреќи при работа, а од нив 15 завршиле со фатални последици
Лани во Македонија се случиле 108 несреќи при работа, а од нив 15 завршиле со фатални последици, покажува најновиот извештај на Македонското здружение за заштита при работа.
„Во 2023 година успеавме да забележиме јавно објавени во електронските и печатените медиуми, како и искомуницирани до нас како Македонско здружение за заштита при работа вкупно 93 несреќи при работа. Би сакале да потенцираме дека оваа бројка е конзервативна и во голема мера не го отсликува вистинскиот број на потешки несреќи на работното место. Следбено на оваа бројка на загинати вработени, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 2,16 односно на секои 100.000 вработени, 2 вработени гинат на работното место во 2023 година. Кога пак како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа за 2023 година изнесува 13,42, што покажува дека на секои 100.000 вработени, потешко се повредуваат околу 13 до 14 вработени“, пишува во извештајот.
Во однос на градот во кој се случила несреќата, Скопје е град со најголем број на несреќи. По Скопје следат Битола и Прилеп.
Според извештајот, во 2023 година најмногу несреќи има во Преработувачката индустрија 29, по што следи Градежништвото и Јавна управа и одбрана 22. Најголем број на несреќи кои резултирале во смрт има во дејностите на градежништвото 7, дејностите на домаќинства како работодавачи 3 и преработувачка индустрија и рударство по 2.
„Дејностите на домаќинства како работодавачи во голем дел ги опфаќаат земјоделските работи на своите имоти. Доколку овие лица се
регистрирани како земјоделци, тогаш голем дел од повредите би се припишале на дејноста земјоделство. Најголемиот број на несреќи во оваа дејност се случиле со земјоделска машина – трактор, при вршење на земјоделски работи, транспорт или при учество во сообраќај“, се вели во извештајот на Македонското здружение за заштита при работа.
При оваа анализа утврдено е дека најголем број смртни случаи имало во петок 7, по 2 понеделник, четврток и сабота. Исто така најголем број на повреди имало во петок, додека во другите денови од неделата бројката се движи понеѓу 11 и 14 повредени.
Според резултатите, најмногу несреќи се случиле во месец април – вкупно 18. Бројот на смртни случаи, е најголем во месец септември – 3.