Македонија
Истрагата за крвавиот четврток не запира со обвинението – се сослушуваат дополнителни сведоци
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција продолжува со истражните дејствија за целосно расветлување на настаните од крвавиот четврток, потврдуваат од Обвинителството за „Макфакс“. Според наши сознанија, во Обвинителството изминатите недели биле сослушувани дополнителни сведоци, кои не е познато дали во оваа фаза се осомничени. Оттаму велат дека во овој момент нема проширување на обвинението и нови осомничени лица. Обвинителниот акт за крвавиот четврток сè уште не е одобрен од кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1.
Со обвинението опфатени се 30 лица од вкупно 35 осомничени. Од нив 28 се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а две се обвинети за помагање при вршење на ова кривично дело. Тогаш обвинителството објави дека за четири лица постапката е прекината со оглед на тоа што не се достапни за органите на прогонот, но по нивно пронаоѓање постапката ќе продолжи. Исто така, за пратеничката Жаклина Пешевска постапката е запрена бидејќи немало докази дека сторила кривично дело.
Како што претходно објави „Макфакс“ од кривична одговорност за крвавиот четврток засега куртули синот на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, Јордан Мијалков, кој беше фотографиран критичната вечер на 27 април во Собранието. Кривично засега нема да одговара ниту синот на Амди Бајрам, Аднан Мемед, кој беше фотографиран како стои пред полицајците. Од обвинение за 27 април куртулија и Предраг Петрушевски-Бинго, Митко Михајловски- Џачката, Андреј Илиев, кои исто така беа фотографирани во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

