Македонија
Истрага против две сопственички на домови за стари лица: сместувале женски и машки лица заедно, дел од корисниците биле заклучувани, им биле служеби оброци со изминат рок
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица осомничени за кривични дела – продолжена Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 и Малтретирање во вршење на службата од член 143 од Кривичниот законик.
Со дејствијата што ги координираше јавниот обвинител во изминатите два дена, обезбедени се докази со кои се потврдува основано сомнение дека двете осомничени, во својство на сопственички и овластени лица на две приватни установи за социјална заштита на стари лица во Скопје, постапувале спротивно на Законот за социјална заштита и со намера да прибават за себе имотна корист потешко ги повредиле правата на згрижените лица. Двете приватни установи, во периодот од 2022 година до денес, не ја вршеле дејноста во рамки на издадените дозволи, односно сместувале корисници над дозволениот капацитет, неуредно ја воделе пропишаната евиденција за корисници на социјална услуга, не поседувале досие со стручна документација за сите корисници, не воделе евиденции за одржување на личната хигиена на корисниците, немале вработено соодветен број стручни кадри во смена, а имале вработено лица без соодветна документација за вработување и немале обезбедено четири дневни оброци со соодветна спецификација за дистрибуираните оброци, како што налагале правилата за нивно работење и условите од решенијата издадени од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Сите недоследности и неправилности се констатирани во записник од извршениот вонреден инспекциски надзор, а за услугата која не исполнувала стандарди и законски услови, од корисниците и нивните блиски наплаќале значителен паричен износ. Месечно од двата објекти остварувале имотна корист во вкупен износ од 2.232.000 денари.
При извршените претреси во двете установи, од кои едната на улицата „Рудо“ во Бутел, а другата на улица „Козара“ во Центар, утврдено е дека двете осомничени, како лица што постапуваат во службено својство, вршеле физичко и психичко насилство со цел да им нанесат физичка и душевна болка, односно страдање на корисниците и ги изложувале на сурово, нечовечко и понижувачко однесување. Првообвинетата во домот во Бутел сместила 27 корисници – стари лица, иако имала дозвола само за 21 лице, а заедно со второобвинетата во установата во Центар сместиле 33 корисници – стари лица, иако имале дозвола само за 17 лица. За грижа и нега на лицата немале обезбедено соодветен број редовно вработени стручни кадри.
Спротивно на сите правила, во собите сместувале женски и машки лица заедно. Немале обезбедено кревети за сите корисници, па дел од корисниците спиеле на троседи во дневната соба или по две лица спиеле на ист единечен кревет. На сите корисници во двете установи им биле служени оброци со производи со изминат рок, за што се земени и мостри од храна, производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храна. Дел од корисниците биле постојано заклучувани во посебни простории, а на еден дел им била давана терапија со лекови кои не биле препишани од лекар. По наредба на јавен обвинител, на сите згрижени лица им е извршен лекарски преглед и анализи од страна на стручни лица од Институтот за судска медицина. Установите се затворени, а со координација на надлежните државни органи за корисниците е обезбедено соодветно сместување.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двете осомничени за нехуман, суров, деградирачки, нечовечки и понижувачки третман на стари лица за кои нивните семејства плаќале услуга за вонсемејно домување. Предлогот е прифатен и на осомничените им е определена притворската мерка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.
Македонија
Да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари, му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, велат од СДСМ
Му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, каде завршуваат парите на граѓаните од тендерите кои ги добиваат двете омилени фирми на власта, „Пирамид билдинг“ и „Ленди груп“, велат од СДСМ.
Според оваа партија, за два месеци 96 милиони денари или 1,56 милиони евра добиле, како што истакнуваат, „омилените фирми на Орце и на ВМРО-ОКГ од Град Скопје каде тој е градоначалник“.
„20 милиони денари е тендерот за „Пирамид Б“ со склучен договор на 05.12.2026 година.
76 милиони денари е тендерот за „Ленди Груп“ со склучен договор од 28.01.2026 година.
Едни исти фирми, на централно и на локално ниво добиваат тендери и ние да им се извиниме?
Да не треба да му се извинуваме на Орце и за 56 тендери на „Пирамид билдинг“, каде е татко му на шефот на кабинет на Мицкоски, Нелоски?
Или да се извинуваме и 74 тендери на „Ленди груп“ вредни 17.5 милиони евра?
Вие да делите тендери и да се луксузирате на грбот на народот со авиони, часовници, чанти а народот кој не може да врзе крај со крај да ви се извинува?
Извини Орце, да не се малку тендери, да не треба повеќе“.
А што се однесува до чантата, следниот пат, додаваат од опозициската партија, кога ќе објавуваат слика, прво нека ја проучат разликата од таа што неговата сопруга ја носи на промоцијата со онаа којашто ја објави денеска, „очигледна е“.
„Да да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари. Веруваме да“.

