Македонија
Итни мерки за спас на Преспанското Езеро – ќе се чисти тињата и сметот на плажите кадешто е повлечена водата
Премиерот Зоран Заев, заедно со градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, посетата на преспанскиот регион ја искористи и за увид и обиколка на Преспанското Езеро за прецизирање на спроведувањето на препораките и акцискиот план предложен од експертите за одржливо управување на Преспанското Езеро.
Заев подвлече дека без разлика што сме соочени со факторите на кои не можеме да влијаеме, како што се климатските промени и актуелната временска ситуација, препораките што произлегуваат од студијата и акцискиот план со конкретни мерки и временски рамки, укажуваат дека излезните решенија за ревитализација на Преспанското Езеро ќе се организираат во три фази.

„Првата фаза која опфаќа анализи, студии, препораки, средби на засегнатите страни, во голем дел е веќе спроведена, додека за следните две фази клучна ќе е иницијативата и кај соседите, па во таа насока ќе побараме трите земји да му дадат нова динамика и на проектот за комплетна заштита на Преспанското езеро поддржан од Европската Унија. Во делот на краткорочните мерки, Владата ја подготви одлуката за определување на финансиски средства за општина Ресен во висина од 80 милиони денари кои ќе бидат наменети за чистење на површините на езерото каде што е водата повлечена, посебно во делот кај некои од плажите. Чистењето на овие површини од тињата и од остатоците од дрва и друг материјал ќе се изврши со посебни бродови опремени за таа намена кои нема да наштетат на биодиверзитетот, а ќе го овозможат понирањето на водата и сигурен и стабилен воден режим посебно во летниот период. Во рамките на втората фаза на ревитализација се предвидени и мерки за напредок на активностите за изградба на современи прочистувачи на сите отпадни води кои се влеваат во Преспанското езеро. Дека нашата грижа е континуирана, покажуваат и нашите дела. Владата издвои 80 милиони денари за земјоделците кои претрпеа штети од невремето. Сите граѓани на преспанскиот регион веќе ја препознаваат оваа грижа. Наша обврска е да ја покажеме таа грижа и Преспанското Езеро да се сочува денес за идните генерации“, порача премиерот Заев.

При обиколката, градоначалникот Гошаревски изјави дека општината постојано ја следи состојбата со нивото на езерото преку мониторинг станицата во Стење.
„Следејќи го падот на нивото на езерото, веднаш ги алармиравме сите надлежни институции, на кој аларм, беше одговорено енергично и од Владата и од Министерството за животна средина. Преку средби со министерот но и со експерти кои се бават со оваа проблематика и како резултат на тоа произлезе и акцискиот план за заштитата на езерото. Проблемот е комплексен и ќе се решава од страна на трите држави кои го делиме езерото“ изјави градоначалникот Гошевски и додаде дека преземените краткорочни мерки даваат надеж дека го спасиме прекрасното Преспанско езеро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.

