Македонија
Итни состаноци во училиштата додека се анализира дали „Тик-ток“ треба да биде забранет во Македонија

Закажани се итни состаноци во училиштата во Македонија по масакрот во Белград. Ова го посочува министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. Тој и натаму како прва мерка ја гледа забраната за употреба на „Тик-ток“ поради материјалите што се пласираат.
„Ќе имаме состаноци со институциите, кои треба да утврдат кои би можеле да бидат последиците од ‘Тик-ток’ и какви материјали има во тие мрежи. Една од причините за рестрикции е ако во институциите за безбедност се потврди дека има лош материјал за употреба на ‘Тик-ток’. Заедно со Министерството за информатичко општество, ќе ги разгледаме сите можност за начинот на употреба на апликацијата. Не само во нашата земја туку и во други земји се гледаат овие мрежи како места од каде што децата земаат материјали“, рече Шаќири.
Тој додаде дека и во училиштата во тек се активности по масакрот во Белград за заштита на учениците.
„Ќе се разгледа како стоиме со кадар – психолози и педагози. Со анализа ќе се види што тие може да придонесат во училиштата. Добив информации дека се закажани и итни состаноци на ниво на училишта. Ќе има и состаноци со психолози. Ова се првичните мерки, па потоа ќе видиме за конкретен протокол на мерки. Завршува оваа учебна година, па ќе имаме конкретни мерки, повеќе прирачници“, додаде Шеќири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Пет лица повредени, една жена во критична состојба во сообраќајка во Скопје

Пет лица се повредени во сериозна сообраќајна несреќа што се случи вчера околу 19:30 часот на улицата Христијан Тодоровски Карпош во Скопје, соопшти СВР Скопје.
Според полицијата, несреќата се случила помеѓу патничкото возило „голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.С. (41), и „поло“ управувано од А.Ш. (30). Најтешко повредена е сопатничката од „поло“ возилото, Х.С.Ш., додека возачот А.Ш. и другата сопатничка Ш.Ш. (57) се здобиле со телесни повреди.
Повреди добиле и возачот на „голф“ З.С. и неговиот сопатник Ѓ.Х. (42), кои се згрижени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ и Комплекс клиники „Мајка Тереза“.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот, а причините за сообраќајката се во тек на истрага.
Македонија
На Табановце чекање и до 40 минути, АМСМ апелира за трпение

Долги колони возила се создаваат на граничниот премин Табановце, каде што за излез и влез во државата се чека и до 40 минути, информира АМСМ.
Од таму додаваат дека зголемената фреквенција на возила е резултат на летните одмори, а интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е значително зголемен. На останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања.
Иако сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и коловозите се суви, АМСМ апелира до возачите на зголемена претпазливост, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде што постои можност од одрони. Како критични делници се посочуваат: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
„Возачите да ја прилагодат брзината, строго да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, бидејќи условите на патиштата бараат дополнителна претпазливост“, порачуваат од АМСМ.
Скопје
Скопје ќе оживее со 100 мурали, Шукова најавува урбана револуција во градот

Кандидатката на СДСМ за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, денеска го претстави амбициозниот проект „Скопје – град на мурали“, кој предвидува создавање на 100 нови мурали низ градот во првата година од нејзиниот мандат. Проектот има за цел да ја трансформира урбаната средина и да го врати животот во запуштените јавни простори, соопштија од Центарот за комуникации на СДСМ.
„Скопје е дом за сите нас и сакаме да го гледаме чист, убав и инспиративен“, истакна Шукова.
Таа додаде дека многу јавни површини денес изгледаат занемарено, со хаотични графити кои ја нарушуваат естетската слика на градот.
Проектот ќе овозможи современа уметност да ја разубави урбаната средина, но и да пренесе пораки за култура, надеж, заедништво и љубов кон градот.
„Овие мурали нема да бидат само боја на ѕидовите, туку симбол на нашите вредности и заеднички дух“, изјави Шукова.
Во изработката ќе бидат вклучени локални уметници и млади креативци, со што се поддржува домашната уметничка сцена и се стимулира активно граѓанско учество. Кандидатката нагласи дека уметноста може да биде моќен инструмент за обединување и создавање на пријателска, одржлива и инспиративна урбана средина.
„Со заеднички напори, ќе го направиме Скопје поубаво и место на кое секој ќе се гордее“, заклучи Шукова.