Македонија
ИЈЗ: Во последните три недели намален е бројот на новозаболени и починати од коронавирус
Во последните три недели постои тренд на намалување на бројот на новозаболени и починати од коронавирус, како и процентот на позитивни од тестирани лица, соопшти Институтот за јавно здравје.
Во извештајот за изминатата недела, од 14 до 20 декември, се наведува дека се тестирани 15.607 лица, што е намалување од 1,6 % во однос на минатата недела.
Регистрирани сe 4.585 нови позитивни случаи од 35 града во државата со намалување од 16,9 % во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи и натаму е од Скопје.
Во периодот од 14 до 20 декември процентот на позитивни од тестирани случаи изнесува 29,3 %, намалување од 5,5 % во однос на минатата недела.
Минатата недела се регистрирани заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (29,3 %). Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50 до 59 години (19,3 %), 30-39 (17,7 %), 40-49 (17,5 %) и 20-29 (11,1 %). Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 години (1,3 %) и од 10 до 19 години (3,9 %).
По добиени два негативни теста или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 4.513 лица што биле хоспитализирани или на домашно лекување, 15,1 % помалку во споредба со минатата недела.
Пријавени се 159 смртни случаи од 25 града, со намалување од 8,6 % во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 131 лице биле над 60 години, 17 лица на возраст од 50 до 59 години, 8 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и три случаи од возрасната група од 30 до 39 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

