Македонија
ИЈЗ издаде препораки за заштита од високите температури
Институт за јавно здравје повикува на почитување на мерките на заштита и претпазливост за време на високи амбиентни температури.
„Кога амбиентниот воздух се приближува или ја надминува нормалната телесна температура од отприлика 36,7°С способноста на човековото тело да се лади слабее. Дополнително, кога релативната влажност на амбиенталниот воздух е висока, потта е уште потешко да испари и ладењето на телото се отежнува.
Кога телото станува премногу топло или има проблеми да ја балансира температурата, тоа може да доведе до чувство на слабост, сува уста, вртоглавица, гадење, прекумерно потење, сува кожа, грчеви. При влошување на т.н. „сончаница“ може да се појават и следните симптоми и знаци престанок на потење, екстремно топла кожа, конфузија (зашеметеност), забрзана срцева фреквенција, отежнато дишење, несвестица и сѐ до смртен исход“, велат од ИЈЗ.
Од Институтот посочуваат дека ранливи групи на население се:
– Лица над 60 години, бремени жени, деца, социјално ранливи, работници на отворено.
– Лица со хронични заболувања како што се: срцевосадови болести, белодробни болести, бубрежни болести, шеќерна болест, со нарушено ментално здравје, дебелина и лица под терапија која го зголемува мокрењето (диуретици, некои лекови за епилепсија, Паркинсонова болест итн.).
ИЈЗ издаде препораки за заштита од топлото време:
1. Избегнување на изложување на сонце (вклучително и работа на отворено) во период 11 – 17 ч.
2. Носете светла и лесна облека, а на директно сонце заштитни очила и капа со светла боја и широк обод.
3. Останете во затворени климатизирани простории.
4. При неопходен престој на отворен простор во овој период најдете можност за почести одмори под сенка и избегнувајте директен престој на сонце.
5. Затворете ги прозорците и ролетните во текот на денот, а отворете ги навечер, кога температурата е пониска.
6. Внесувајте умерена количина храна. Избегнувајте масна и висококалорична храна како и храна која содржи поголема количина шеќер.
7. Внесувајте голема количина течност (не чекајте да бидете жедни), најдобро вода. Избегнувајте алкохолни пијалаци, пијалаци кои содржат кофеин и екстремно ладни пијалаци.
8. Кога сте во паркирано возило, отворете го прозорецот со цел да овозможите вентилација. Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото!
9. Туширајте се со вода по потреба, алтернативно, ставете ладни облоги и чувајте ги нозете во студена вода.
10. Хроничните болни, посебно оние со болести на срцевосадовиот систем, невролошките и белодробните болести, потребно е да бидат посебно дисциплинирани по однос на овие препораки и да ја земаат својата редовна терапија. За сите промени во здравствената состојба, задолжително да го консултираат својот матичен лекар.
Освен препораките, Институтот за јавно здравје даде и насоки што да направите доколку не се чувствувате добро.
1. Ако чувствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или имате интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преселете се во постудено место колку што е можно побрзо и измерете ја својата телесна температура.
2. Консумирајте вода или негазиран минерален пијалак за да се рехидрирате.
3. Ако имате болен мускулен грч, најчесто во нозете, рацете и стомакот, веднаш одморете се на студено место и консумирајте течност која содржи електролити. Лекарска помош е потребна ако топлотните грчеви траат подолго од еден час.
Од ИЈЗ појаснуваат ако некој член од Вашето семејство, или лице на кое помагате, има топла и сува кожа, грчеви и/или е во бессознание, веднаш повикајте 194 или 112.
„Додека се чека итната медицинска помош префрлете го на студено место и ставете го во хоризонтална положба, и подигнете ги нозете над 20 см висина. Отстранете ја гардеробата, воспоставете надворешно ладење, како студени облоги на вратот, пазувите и слабините, постојано ладете го и прскајте ја кожата со вода. Не давајте терапија. Ако лицето е во бессознание, поставете го во бочна положба“, велат од Институтот.
Според УХМР, времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Минималните температури ќе се движат од 10 до 18, а максималните од 25 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде 16, а максималната 36 степени.
Од УХМР информираат дека од понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени. Кон средината на седмицата ќе има локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

