Македонија
ИЈЗ: Намалување за 32,3% – минатата недела регистрирани 2.504 нови позитивни случаи
Регистрирани сe 2.504 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, со намалување од 32,3% во однос на минатата недела (n=3.701). Процентот на позитивност се движи од 9,4% до 18,4%, просечно 14,0%.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 28.02.2022 до 06.03.2022г Тестирани се вкупно 17.416 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 9,4% во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.418; 56,6%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 389,4/100.000, Скопје – 312,7/100.000 и Демир Капија – 308,6/100.000.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60г (n=705, 28,2%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=103; 4,1%).
Во однос на претходната недела, се забележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 46,9% во возрасната група од 0-9 години.
Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 3.511 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 372 реинфекции, со намалување за 31,5% во однос на претходната недела.
Пријавени се 44 смртни случаи во 17 градови во текот на изминатата недела, за 35,3% помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (17). Во однос на возраста, најголем број (n=42; 95,5%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 40-49 години (1) и 30-39 години (1).
На 17.02.2021 во Р. С. Македонија започна вакцинацијата против Ковид-19.
Заклучно со 05.03.2022, вакцинирани се вкупно 871.082 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 850.803 лица, а со трета доза се вакцинирани 144.391 лица.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од од 28.02 – до 06.03.2022г, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Заклетвата на младите питомци не е само збир на патриотски зборови, туку и израз на решеност и истрајност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на свечената заклетва на питомците од 29. класа и слушателите на Курсот за офицери и штабни службеници на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“.
Таа истакна дека со денешниот чин младите питомци стануваат чувари и гаранти на македонската слобода, сигурност и безбедност. За неа, заклетвата е не само збир на патриотски зборови, туку и израз на решеност, истрајност, одлучност и верност.
Во своето обраќање, претседателката се осврна на современите безбедносни предизвици, нагласувајќи дека идните офицери, како дел од македонската, но и од НАТО-армијата, имаат обврска да ги негуваат највисоките професионални и морални стандарди во справувањето со сите видови закани: традиционални, асиметрични и хибридни.
Сиљановска-Давкова потсети дека униформата е симбол на одговорност и доверба, додавајќи дека да се биде дел од македонската армија е посебна привилегија што обврзува на чесна и посветена служба и порарвен
Според неа, Воената академија е водечка образовна институција од областа на одбраната, а ликот и делото на генерал Михаило Апостолски се симбол на знаење, скромност, храброст и посветеност, извонредност.
На претседателката и беше врачена плакета во знак на признание за нејзината посветеност во развојот и афирмацијата на Воената академија.
Македонија
Николовски: Мега-скандалот со ИПАРД се потврди, ќе поднесе ли сега конечно Трипуновски оставка?
Пратеникот од СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски, укажува на сериозноста на состојбата со ИПАРД програмата, по официјалната потврда дека е донесена одлука за суспендирање на сите исплати од ИПАРД 3 програмата, истакнувајќи дека Владата со денови ја држела јавноста во незнаење.
„Се потврдува она што го говорам неколку дена – дека е донесена одлука за суспендирање на ИПАРД, а Владата и Министерството за земјоделство се обидуваа да ја сокријат. Суспензија имало два пати и тоа само кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, во 2011 и сега во 2025 година“, вели Николовски.
Тој оценува дека ова е тежок удар врз македонското земјоделство и доказ дека партизацијата, клиентелизмот и корупцијата ја разориле довербата во институциите.
„Суспензијата е, пред сè, срам за Владата и доказ дека партизацијата, корупцијата и девијантните појави се широко распространети во Агенцијата – нешто на што укажував од самиот почеток“, порача Николовски.
Според него, ИПАРД програмата во времето на СДСМ била најуспешната европска приказна во земјоделството, со рекордни 2.369 реализирани и контролирани инвестиции и целосна искористеност на европските пари. Николовски бара одговорност од актуелната власт.
„Сега Владата треба да одговори: Кој ќе понесе политичка одговорност за овој мега-скандал? Кој ќе одговара за штетите што ќе ги претрпат земјоделците и инвеститорите? Ќе поднесе ли конечно Цветан Трипуновски оставка или ќе продолжи да се преправа дека ништо не се случило? Со кој кредибилитет ќе излезе пред земјоделците?“, вели тој.
Николовски посочува дека оние кои се гонат за корупција се луѓе директно поставени од Владата и блиски соработници на Трипуновски, што дополнително ја потврдува политичката одговорност на ВМРО-ДПМНЕ за овој случај.
„Време е конечно со чесни, посветени и професионални луѓе, а не со партиски поставени кадри, да се изгради системот и да се врати довербата“, нагласи Николовски.
Македонија
Утре променливо облачно време, претпладне со повремен локален дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.

