Македонија
И во кризната 2020 година општините потрошиле на тендери исто колку и во 2019 година, лидер е Град Скопје
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ја објави Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2020 година според која 80-те општини и Градот Скопје склучиле 3 454 договори за јавни набавки во вкупна вредност од околу 8 милијарди денари, односно 129 милиони евра, скоро исто колку и претходната 2019 година.
Пораст на вредноста на набавките има кај Градот Скопје и 20 општини, додека намалување е евидентирано кај 61 општина. Најголем вредносен скок во однос на претходната година има кај Градот Скопје, од 10,3 милиони евра, Општина Гостивар од 5 милиони евра и Аеродром од 2,7 милиони евра. Најголеми падови во вредноста на набавките има кај Општина Липково за 2,8 милиони евра, Тетово за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра.
Лидерската позиција и натаму ја држи Град Скопје со вкупна вредност на тендерите од 31 милион евра – што е една четвртина од вредноста на набавките на сите општини заедно. Половина од вкупно потрошените пари на општините за јавни набавки ги потрошиле Градот Скопје и седум други општини, а само Град Скопје и 10-те скопски општини заедно трошат дури 45 % од сите пари за јавни набавки на општините. По жител, и годинава апсолутен лидер е Новаци која за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари која троши само 7 евра по жител. Просечно, по жител, се трошат по 56 евра.
Кај фирмите, најголема вредност на договорите за јавни набавки имаат: градежната компанија Гранит АД Скопје, енергетската Енерџи Деливери Солушнс ЕДС од Скопје и градежната Пелагонија од Гостивар. На првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки отпаѓа една четвртина од вкупната вредност на набавките.
Посебно беа истражувани парите што општините ги потрошиле од своите буџети за заштита од корона-вирусот. За оваа намена општините, без Град Скопје потрошиле само околу 600 илјади евра што не е ниту еден промил од нивните буџети.
Базата на податоци е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата содржи податоци за последните пет години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За една недела 4.490 сообраќајни прекршоци преку системот „Безбеден град“
Во периодот од 09 до 15 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.490 прекршоци, што претставува намалување за 10% во споредба со првата седмица во месец февруари кога беа регистрирани 4.991 прекршок, соопшти МВР.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената – 4.297, потоа за минување на црвено светло – 33, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 160 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 148 мерки „забрана за управување со возило“, чиј број бележи намалување од 48,6% во однос на минатата седмица, од кои 33 се за минување на црвено светло, а 115 се за брзо возење, од кои 99 за брзина поголема од 80 км на час во населено место, 12 за брзина поголема од 10 км на час сопствено ограничување на возило и четири за брзина поголема од 170 км на час во ненаселено место.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС направи низа катастрофални грешки во образованието, го решаваме и овој проблем
Наместо кон прогрес, СДС е партија ориентирана кон пропаст. Меѓу низата направени катастрофални штети на државата, со Законот за високо образование кој го донесоа во 2018 година предизвикаа драстично намалување на квалитетот на високото образование во Македонија и го избришаа единствениот македонски универзитет од пошироката Шангајска ранг листа, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по обвинувњата од лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Промени се потребни, тоа е општата констатација на целата научна и академска фела во државата. Тим од над 60 академски професори, експерти и претставници на институции, органи и на студентите, изработија предлог законско решение за кое во тек е јавна дебата. Ниту е конечно, ниту насилно ќе се истурка, како што СДС милува да паничи во јавноста. Традиционална реторика на опозициската партија, дека со законот се врши упад во автономијата на универзитетите. Тоа е апсолутно неточно. Единствено се бара отчетност од универзитетите за трошењето на јавните финансии кои патем, откако ВМРО-ДПМНЕ ја раководи Владата значително се зголемени износите кои ги добиваат. Во 2024 година затекнавме буџет за високо образование од 5 милијарди денари, а оваа година изнесува над 7,5 милијарди денари. Буџетот за наука пак, го зголемивме од 380 милиони денари на 773 милиони денари. Ова можеше да го направи и СДС, доколку ги скратеше парите за Заевци, Артанци и други „другари“ од коалицијата кои нагло се збогатија и исчезнаа од државата“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека новиот предлог Закон дава предност при вработувањето на државните универзитети на најдобрите студенти од генерацијата, на студентите добитници на Инженерски прстен и на оние кои студирале на некој од најдобрите 100 светски универзитети.
„Така најдобрите умови ќе ги задржиме во државата, а сите ќе ги стимулираме што повеќе да се заложуваат за личен и професионален развој. Потсетуваме дека во време на владеењето на СДС и ДУИ, бројот на ученици се намали за 17 илјади, а на студенти за 7 илјади за само 7 години. Тој тренд го спречивме, а дел од младите и се враќаат во својата земја. Законот предвидува и враќање на одредени права на студентите, кои со законот на Рената Дескоска, министерка на СДС, беа укинати во 2018 година, а најмногу тоа го почувствуваа студентите со попреченост на кои им беше скратено правото да студираат бесплатно на сите три циклуси на студии“, велат од партијата.
Од таму истакнуваат дека е точно дека се зајакнуваат критериумите за напредување во звања и сметаат дека нема ништо лошо во тоа да се стимулира научниот труд на наставно-научниот кадар на универзитетите.
„Законот предвидува секој кој сака да напредува во академската кариера да изработува научно-истражувачки трудови од кои дел треба да бидат објавувани во меѓународни научни списанија со импакт фактор, а за што Министерството за образование и наука секоја година ги покрива трошоците на авторите за што се објавуваат јавни конкурси, така што, разобличуваме уште една лага на лидерот на СДС. Потсетуваме дека за еден универзитет да се најде помеѓу најдобрите 1000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 научни трудови. Законот на СДС од 2018 година доведе до тоа нашите универзитети да паднат на бројка од 300 до 500 трудови годишно“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму велат дека СДС ред не успеале да воспостават ред со приватните универзитети и затоа сега им е чудно дека секој треба да го почитува законот и да исполнува услови за работа.
„Автономијата на високообразовните установи е поврзана со отчетност и не може да функционира надвор од правниот поредок. Министерот за образование и наука отсекогаш имал право да запре акт кој не е во согласност со законот, така што ова не е новина како што СДС презентира. Докторски студии пак, согласно предлогот ќе можат да организираат првите четири државни универзитети, што ќе стимулира конкурентност, а конкуренцијата носи квалитет. Дополнително, новиот закон е насочен кон интернационализација на македонското високо образование, вмрежување на домашните со странски универзитети, организирање заеднички студиски програми и издавање двојни дипломи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека ги охрабруваат СДС наместо само критики, во јавноста да изнесат и сугестии за подобрување на содржината на нацрт законското решение.
Македонија
Најкритични во Форино се куќите изградени на помалку од еден метар од коритото на Вардар, извести Црвениот крст
Волонтерските тимови на Црвениот крст се на терен во село Форино, каде по извршената проценка е утврдено дека најкритична точка е делот од селото што гравитира кон реката Вардар, соопшти Црвениот крст .
„Според проценката, куќите во овој дел се изградени на помалку од еден метар од коритото на реката, чиј водостој е на критично ниво и на одредени места веќе е излеан. Дополнително, поради зголемениот водостој се излеани и каналите што минуваат низ селото, што дополнително ја влошува состојбата на терен. Од невремето се оштетени околу 500 објекти, од кои најголемиот дел се домови за живеење. Материјалната штета е значителна, а голем број семејства се соочуваат со сериозни последици од поплавите“, велат од Црвениот крст.
Дистрибуирана е хуманитарна помош односно поголеми количини флаширана вода, бидејќи водата во селото е заматена и небезбедна за пиење, како и вкупно 500 пакети – 250 пакети со прехранбени производи и 250 пакети со хигиенски производи.
На телефоните 072-239-077 и 072-239-051 погодените од поплавите можат да побараат психосоцијална поддршка.
Врнежите викендов поплавија земјоделско земјиште и во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште, а најголемо поплавување куќи има во Кичево, од каде што се евакуирани 220 лица. Привремено се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.За нив, како и за сите погодени од поплаците е организирана на храна и вода.
Врнежите направија штети и во Тетовскиот регион каде што се регистрирани проблеми со одводните канали и свлечишта на патните правци Тетово – Џепчиште и Тетово – Попова Шапка.

