Зголемувањето на пензиите ќе се однесува само на пензионери кои живеат во Македонија, согласно предлог-законот, кој е во собраниска процедура.
Македонија
И денес магла и ниска облачност, од среда дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а по котлините со магла и ниска облачност. Претежно долж Повардарието ќе дува слаб ветер од јужен до југоисточен правец.
Како што информираат од УХМР, минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, наутро со магла и претежно тивко.
Во наредните денови ќе продолжи периодот на стабилно, а особено на повисоките места и на планините и релативно топло време. Висината на снежната покривка позначително ќе се намалува од средината на следната недела. По котлините и понатаму од наутро ќе биде со магла и постудено.
Повремени врнежи од дожд претежно во западните делови ќе има во среда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мартовски пензии повисоки за 2.500 денари: зголемување ќе добијат над 300.000 пензионери

Пензионерите во април ќе земат повисоки пензии за 2.500 денари. Со законски измени кои се доставени веќе во Собранието се предлага нов раст на пензиите од 1 март 2025 година.
– Во Македонија задолжителното пензиско и инвалидското осигурување како област е уредено со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој ја уредува методологијата на усогласување на пензијата. Член 18 став (3) ја става вон сила системската одредба од Законот во периодот од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година. Во овој период пензиите се зголемуваат во фиксен износ од 2.500 денари на 1 септември 2024 година и 1 март 2025 година, се наведува во предлог измените.
За 2025 година, во Буџетот се предвидени 105,5 милијарди денари за исплата на пензиите.
Македонија
Средба на Муцунски со европратеникот од Европскиот парламент, Томас Вајц, нагласена потребата од продлабочување на соработката

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со европратеникот и известител од Европскиот парламент, Томас Вајц, при што беше разговарано за напредокот на државата во процесот на европска интеграција, идните чекори во пристапниот процес, како и можностите за зајакнување на соработката со Европскиот парламент.
Од страна на министерот Муцунски беше потенцирана цврстата посветеност на Владата за напредок на европскиот пат преку спроведување стабилен реформски процес во клучните области, зајакнување на економските капацитети и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Посебен акцент беше ставен на значењето на добрососедските односи, при што министерот ја потенцираше заложбата на државата за нивно континуирано унапредување врз основа на принципите на меѓусебна почит и градење доверба.
Министерот Муцунски се заблагодари за неговата досегашна работа и отворената соработка во насока на промоција на евроинтегративниот процес на Република Северна Македонија. Двајцата соговорници го нагласија значењето на одржување конструктивен дијалог со Европскиот парламент на сите нивоа, како и потребата од продлабочување на соработката, со цел унапредување на заедничките интереси и обезбедување континуирана поддршка за европската перспектива на земјата.
Македонија
Антикорупциската комисија парично казни повеќе поранешени и актуелни функционери, меѓу нив Груби, Меџити, Крмов

Антикорупциската комисија достави информации за имињата на 86 поранешни и актуелни носители на јавни функции, кои се казнети со глоба за прекршување на одредбите од наведениот закон. Меѓу нив се пратеникот Борислав Крмов од Левицата, ексвицепремиерот Артан Груби, кој е во бегство, поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери, Изет Меџити, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Фатмир Меџити, поранешен министер за здравство.
„Изет Меџити, по изборот на функцијата пратеник во Собранието на РСМ, не поднел изјава за имотната состојба и интересите до ДКСК, член 82 став 1 од ЗСКСИ, казнив по член 109 од ЗСКСИ со 300 евра.
Фатмир Меџити, поранешен министер за здравство, во својство на одговорно лице во надлежна институција, не ги презел сите мерки и активности за доставување на бараните информации до ДКСК во рок од 15 дена од денот на добивањето на барањето во согласност со член 23 став 3 од ЗСКСИ, казниво со 200 евра.
Артан Груби додека ја извршуваше функцијата прв заменик-министер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, во својство на одговорно лице во надлежна институција не ги презел сите мерки и активности за доставување на бараните информации до ДКСК во рок од 15 дена од денот на добивањето на барањето во согласност со член 23 став 3 од ЗСКСИ, казниво со 200 евра.
Талат Џафери, експретседател на владата на РСМ и истовремено и пратеник во Собранието на РСМ, по член 44 став 2 од ЗСКСИ, казнив со 300 евра.
Арбер Адеми, по престанокот на функцијата пратеник во Собранието на РСМ, не поднел изјава за имотната состојба и интересите до ДКСК, член 82 став 3 од ЗСКСИ, а казнив по член 109 од ЗСКСИ со 300 евра.
Јована Мојсовска, по изборот на функцијата пратеник во Собранието на РСМ, не поднела изјава за имотната состојба и интересите по член 82 став 1 од ЗСКСИ, казнив по член 109 од ЗСКСИ со 300 евра.
Борислав Крмов, по престанокот на функцијата пратеник во Собранието на РСМ, не поднел изјава за имотната состојба и интересите до ДКСК по член 82 став 3 од ЗСКСИ, а казнив по член 109 од ЗСКСИ со 300 евра“, посочуваат од ДКСК.
Државната комисија за спречување на корупција во согласност со член 98 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите има обврска јавно да ги објави информациите за извршените контроли, спроведените постапки и глобите што се изречени за сторените прекршоци.
„Преку објавувањето на овие информации ДКСК има цел да ја информира јавноста во насока на охрабрување на граѓаните, како и институциите да се придржуваат до правните норми. Очекуваме дека со исполнување на оваа законска обврскa ќе се зголеми довербата во процесите на надзор и контрола, но и ќе се зајакнат напорите за ефикасно спречување на корупцијата и судирот на интересите во Република Северна Македонија“, велат од ДКСК.
ДКСК смета дека оваа мерка е исклучително значајна за зголемувањето на транспарентноста и отчетноста на секоја институција во борбата против корупцијата.