Македонија
И Евреите ќе влезат во Уставот со измените за Бугарите, најави Ковачевски
И Евреите ќе бидат внесени во македонскиот Устав со измените што претстојат, најави премиерот Димитар Ковачевски. Собранието ќе гласа измени на Уставот за во него да бидат додадени Бугарите како услов Македонија да ги продолжи пристапните преговори со Европската Унија.
„Јас пред оваа прес-конференција имав состанок со претставници на Кнесетот на израелското собрание. Тие се тука во Владата и во наредните два дена ќе бидат присутни тука по повод одбележувањето на 80-годишнината од сеќавањето на депортираните Евреи од Македонија во логорот на смртта, Треблинка. Се работи за 7.144 Евреи од Македонија, кои од страна на фашистите биле транспортирани и убиени во Треблинка. Тоа се историски факти, не може некој да ги менува тие факти дека фашистите ги транспортирале Евреите во Треблинка. Не може да има дискусија по таа основа. Еврејската заедница кај нас е исклучително значајна заедница. Јас сум кажал, исто така и нашите коалициски партнери, дека при уставните измени и Евреите ќе бидат една од заедниците што сметаме дека треба да бидат дел од нашиот Устав“, рече премиерот Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање дали најавените дебати за историските факти на Евреите во Македонија може да ги закочат уставните измени и пристапниот процес.
Потомци на македонските Евреи вчера пред бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола порачаа дека не ги забораваат злосторствата од март 1943 година. Посетија дека бугарска војска ги опколила еврејските населби во Скопје, Штип и Битола, ги собрала Евреите и со објаснување дека ги префрлаат во Бугарија, ги депортирале во логорот Треблинка во Полска каде што биле убиени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

