Македонија
И покрај циркусот од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Општина Карпош го донесе буџетот, вели Јакимовски
Заврши 37. седница на Советот на Општина Карпош, во чии рамки мнозинство советници го изгласаа општинскиот буџет за 2024 година.
Според градоначалникот на општината, Стевчо Јакимовски, ова беше настан без преседан во историјата на локалната самоуправа, каде што советниците на ВМРО-ДМПНЕ се обидоа, како што рече, да го блокираат донесувањето на буџетот, а со тоа да ги запрат функционирањето на Општината и исплаќањето плати на вработените од општинската администрација, училиштата и градинките.
„За среќа, надвладеа разумот и огромна благодарност од мене, од граѓаните на Карпош, од општинската администрација, до советниците на СДСМ, Левицата и ГРОМ и двајцата независни советници, Невена Георгиевска и Александар Илиески, кои ја видоа сериозноста што се создава со неносење на буџетот, но со жалење можеме да констатираме дека советниците од ВМРО продолжија со својот деструктивен однос. Тоа беше демонстрација на еден циркуз, во кој имаше викање, како и обид да не продолжи седницата, најмалку јавено 20 пати процедурално, па навредувања. Замислете, оној што дава 4.000 амандмани, во кој најмалку еден бил по еден денар, тие не биле насилни, ние сме биле насилници, кои со мнозинство го носиме буџетот. За жал, сценаристот и режисер Христијан Мицкоски, кој е граѓанин на општина Карпош и кој се обиде да ја блокира Општината во која живее, улогата што му ја доделил на актерот Роберт Вељановски како главна улога, на крајот не успеа да ја додржи ниту споредната улога, туку беше исфрлен на овој кастинг, кој го спроведува преостанатиот дел од Советот на Општина Карпош. Сега, бидејќи не глуми онаму каде што треба да глуми, се обидува да глуми во Советот на Општина Карпош“, истакна Стевчо Јакимовски.
Задоволен од исходот на денешната седница, пред медиумите се обрати и претставникот од општинската администрација, Дејан Јонузоски.
„Голема благодарност од името на сите вработени од Општина Карпош. Благодарност до дел од советниците што ја поддржаа нашата борба и го изгласаа буџетот. Ова беше една победа за целата администрација, која и понатаму ќе продолжи да ги исполнува своите работни обврски“, рече Дејан Јонузоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

