Македонија
И по речиси една година, обвинителството сè уште собира докази за злоупотребите во УЈП

„Предметите за кои покажувате интерес се во предистражна постапка и надлежните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција активно постапуваат во насока на обезбедување материјални докази“. Ова е одговорот од Обвинителството на прашањето на „Макфакс“ во која фаза е истрагата за предметот за неплаќање милионски долгови за данок на добивка, случај за кој УЈП информираше лани во август.
Од Обвинителството велат дека станува збор за предистражна постапка и затоа не обелоденуваат детали. „По комплетирањето на доказниот материјал ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука“, пишува во одговорот.
Случајот лани го обелодени директорката на УЈП, Сања Лукаревска, и рече дека според интерната истрага која ја спровеле, двајца вработени во УЈП во 2015 и 2016 година им помогнале на 37 компании да не платат данок на добивка.
Лукаревска тогаш појасни дека сите 37 фирми биле ставени во привилегирана позиција. Во електронскиот систем на УЈП за данок на добивка овозможиле посебна програма за забрана за печатење опомени за долгови за данок на добивка, која овозможувала приближно две години даночните обврзници да бидат изземени од постапки за присилна наплата на милионски долгови.
Од Обвинителството испратија ист одговор и на прашањето во која фаза е истрагата за злоупотребата на 30 милиони евра од МВР, отворена годинава во февруари. Станува збор за предистражна постапка за злоупотреба на државни пари од службени картички за гориво и за други потреби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“ за модернизирањето на болницата „8 Септември“: Здравството добива нов здив, благодарение на Таравари

Коалицијата „Вреди“ продолжува со својата непоколеблива и посветена работа за граѓаните на земјата, носејќи крупни проекти кои директно влијаат на подобрување на квалитетот на животот. Денеска со гордост објавуваме дека во болницата “8 Септември“ во Скопје започна имплементацијата на извонреден проект, невидена инвестиција од 12 милиони евра, со која оваа здравствена установа ќе се модернизира и трансформира по највисоките европски стандарди, соопштуваат од „Вреди“.
Овој проект, како што појаснуваат, опфаќа целосна реконструкција и најнапредна опрема на одделението за интензивна нега, со проширување на инвестицијата на површина од 2000 m², каде што ќе бидат изградени седум супермодерни операциони сали.
„Со оваа инвестиција, болницата „8 Септември“ ќе се врати во здравствен дом од највисоко ниво, ставајќи крај на инфраструктурните и технолошките недостатоци од минатото. Оваа стратешка инвестиција предвидува две специјализирани сали за абдоминална хирургија, две за уролошки интервенции, една за операции на уво, нос и грло, една за очна хирургија и како апсолутна иновација – роботска хирургија, која е прва од ваков тип во земјава! Ова е огромен чекор кон модерно и напредно здравство, каде што најновата технологија се става во служба на граѓаните.
Како дел од оваа голема инвестиција, целосно ќе се реновира покривот на болницата и ќе се постави ефикасен систем за греење и ладење, што ќе гарантира оптимални услови за пациентите и медицинскиот персонал. За прв пат операционите сали ќе бидат опремени со најнова генерација на хируршки маси, напредно LED осветлување, медицински компјутери, софистицирани апарати за анестезија, опрема за каутеризација, пумпи за инфузија, дефибрилатори и целиот потребен медицински инвентар. Тоа значи дека нашите пациенти ќе имаат супериорни здравствени третмани, како оние на најдобрите европски болници“.
Според нив, министерот за здравство Арбен Таравари е клучен двигател на овој трансформативен проект, покажувајќи ја, како што велат, својата извонредна посветеност на модернизацијата на здравството во нашата земја.
„Благодарение на неговата визија и поддршката на коалицијата „Вреди“, нашите граѓани ќе имаат пристап до поквалитетни, поефикасни и подостоинствени здравствени услуги.
Овој проект ја означува новата ера на современото здравство во нашата земја. Инвестициите во здравството се инвестиции во животот и благосостојбата на граѓаните, а „Вреди“ докажува дека неговата работа и посветеност се над секоја политичка пресметка. Здравјето на граѓаните е апсолутен приоритет и тоа го докажуваме со конкретни и револуционерни проекти“.
Македонија
Муртезани-Вајц: Доследното спроведување на реформите клучен фактор во следната фаза од евроинтегративниот процес

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, утрово оствари средба со австрискиот европратеник Томас Вајц, новоименуваниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија.
Средбата се одржа во пресрет на 23-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија-Европската Унија, кој претставува важна можност за продлабочување на дијалогот и зацврстување на заедничката заложба за европската иднина на земјата. Муртезани и Вајц укажаа на значењето на овој форум како простор за конструктивна размена на ставови и унапредување на соработката, со цел побрза интеграција на Северна Македонија во Европската Унија.
Во фокусот на разговорот беа реформската агенда и Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан, како двигатели на евроинтегративниот процес. Министерот Муртезани истакна дека Северна Македонија останува посветена на клучните реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и економскиот развој, нагласувајќи дека овие напори се од суштинско значење за напредокот во пристапните преговори. Европратеникот Вајц ја потврди поддршката на Европскиот парламент, нагласувајќи дека доследното спроведување на реформите ќе биде клучен фактор во следната фаза од процесот.
Посебен акцент беше ставен и на Зелената агенда, при што Вајц го поздрави ангажманот на Северна Македонија за одржлив економски раст и енергетска независност преку зелени иницијативи. Беше истакнато дека Европската Унија, преку Планот за раст и други механизми за финансиска поддршка, ќе продолжи да ја поддржува земјата во спроведувањето на реформските приоритети.
Македонија
Средба меѓу Сиљановска-Давкова и директорот на Агенцијата за иселеништво: иселениците најчесто се жалат на проблеми со бирократските бариери и комплицираните процедури за документи

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со директорот на Агенцијата за иселеништво, Горан Ангелов.
На средбата, директорот ја информираше претседателката за организацијата на Агенцијата и за човечките ресурси во неа, како и за преземените и планираните активности, неопходни за унапредување на односите и соработката со нашите иселеници и нивните различни иселенички организации.
Тој истакна дека Агенцијата остварува интензивна соработка со импозантна иселеничка мрежа од 700 црковни, спортски и културно уметнички иселенички организации, што изразуваат силен интерес за средби со неа и со други највисоки претставници на државата, како неопходен механизам за зајакнување на односите со татковината.
Горан Ангелов укажа дека иселениците најчесто се жалат на проблемите врзани за бирократските бариери и долгата и комплицирана процедура за добивање македонски пасоши и други документи, важни за остварување на нивните граѓански права во татковината. Истите, според него, може да се надминат преку поактивно и попосветено излегување во пресрет на вработените во македонските амбасади и конзулати, од една страна, но и преку отворање канцеларии во општините од кои потекнуваат за низа акти и документи, од друга.
Во разговорот се потенцираше потребата од обезбедување наставни помагала за изучување на македонскиот јазик во дијаспората. Според регистарот на Агенцијата за иселеништво, има 76 наставнички по македонски јазик низ светот, кои изразиле голема потреба од унифициран учебник по македонски јазик по кој би предавале, со кој би ги замениле постојните работни тетратки што сами ги креирале и отпечатиле.
Претседателката укажа дека одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик е вистинско време и повод за промоција и поттикнување на изучувањето на македонскиот јазик од младите луѓе во дијаспората.
Таа, за оваа цел, со задоволство ја прифати поканата за покровителство на „Летната школа за македонски јазик“ за деца од дијаспората, на возраст од 12-16 години, што ќе се оддржи во август во Охрид.
На крајот, со директорот Горан Ангелов сподели идеја за доделување награди на најуспешните и најреномираните нашинци од дијаспората во сферата на науката, културата, бизнисот, спортот, како и за нужноста од изработка на „Дигитален регистар на најуспешните во дијаспората“ во соработка со Владата, МАНУ, универзитетите, амбасадите и други субјекти, заради евиденција на нашиот највреден социјален капитал надвор, како и за нивен ангажман во татковината!