Македонија
Каевски: СДСМ ја номинира Цветанка Иванова за работната група за уставните измени
СДСМ ја номинира Цветанка Иванова за претставник во работната група за измените на Уставот, истакна денеска Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
Иванова, појасни тој, е дипломиран правник, има долгогодишно искуство, одличен познавач е не само на Уставот и законите туку и на собраниските процедури како пратеничка. Учествувала во значајни процеси и одлуки што Собранието ги има донесено.
Според него, СДСМ активно ќе учествува во експертското тело што го формира Министерството за правда. Тоа, како што рече, е државнички, тоа е одговорно затоа што станува збор за процес од кој зависи членството во ЕУ како врвен национален и државен интерес.
„Очекуваме преку отворен, транспарентен процес, да дојдеме до најдобриот македонски модел за уставни измени, кој ќе значи продолжување на европскиот пат. Членството во Европската Унија е врвен национален и државен интерес поставен уште од независноста. Денеска, или оваа 2023 година, сме на чекор, на дофат на тој генерациски сон, на таа желба на сите наши граѓани, на оваа наша стратешка национална определба. Никогаш, ама никогаш во изминатите 30 години не сме биле толку блиску“, потенцира тој.
Она што, како што рече, е особено важно за Македонците е што почнавме преговори со заштитен и признаен македонски јазик. Веќе е потпишан и првиот договор со ЕУ на македонски јазик, без никакви додавки или фусноти.
Сега, според него, е време да ја исполниме единствената обврска што нашата држава ја има во согласност со преговарачката рамка, усвоена од 27 земји членки на ЕУ, а тоа се уставните измени.
„Ова се важни одлуки за иднината на сегашните и идните генерации, кои сакаат подобар животен стандард, врвни демократски институции и европски функционален систем во својата земја. Македонските граѓани сакаат да живеат во ЕУ, ама сакаат да живеат во ЕУ дома, а не да живеат во ЕУ во туѓина. Обврска на сите политички партии е да ги поддржат процесите за стратешките одлуки на држава, како што е членството во ЕУ, а не тие да бидат предмет на дневнополитичка борба. За жал, граѓаните гледаат дека заложништвото на Христијан Мицкоски кон Димитар Апасиев и Левицата си го направи своето. Мицкоски и Апасиев отворено се против ЕУ и европската иднина на државата и нејзините граѓани“, рече Каевски.
СДСМ, како што истакна, ќе се спротивстави на деструктивноста на оваа коалиција на хаосот. Како предводници на проевропската коалиција подготвени сме да направиме сè за продолжување на патот кон Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Mарт – месец за подигнување на свеста за симптомите од ендометриоза
Март е месец посветен на подигнување на свеста за ендометриозата – време да зборуваме отворено, да ги разбиеме митовите и да ги охрабриме жените да побараат помош, велат од Македонската асоцијација на гинеколози и опстеричари (МАГО).
Ендометриозата е хронична болест при која ткиво слично на ендометриумот (ткиво кое ја обложува внатрешноста на матката) расте надвор од матката, предизвикувајќи воспаление, болка и понекогаш неплодност.
Се проценува дека околу 190 милиони жени и девојки во репродуктивна возраст (околу 10%) во светот се погодени од оваа состојба.
Дијагнозата често доцни – во просек од 8 до 12 години од појавата на првите симптоми. Причина за ова е што болката често се смета за „нормален дел од менструацијата“, а многу жени не бараат медицинска помош навреме.
Ендометриозата може значително да го намали квалитетот на живот, да влијае на менталното здравје и работната способност, а кај 25–50% од жените со неплодност е присутна ендометриоза.
Митови и факти за ендометриозата
Мит: Силната менструална болка е нормална.
Факт: Болка која ве спречува во секојдневните активности не е нормална и бара медицинска проценка.
Мит: Само постари жени имаат ендометриоза.
Факт: Ендометриозата може да започне уште во адолесценција.
Мит: Ако имате ендометриоза, нема да можете да забремените.
Факт: Многу жени со ендометриоза успешно забременуваат, особено со соодветен третман.
Мит: Болеста се лекува со бременост.
Факт: Бременоста може привремено да ги намали симптомите, но не ја лекува болеста.
Зошто е важно раното препознавање?
Раното препознавање и соодветниот третман можат да помогнат во:
• намалување на хроничната болка
• подобрување на квалитетот на живот
• зачувување на репродуктивното здравје
• намалување на компликациите
Достапните третмани вклучуваат медикаментозна терапија, хормонска терапија и хируршки третман, во зависност од симптомите и индивидуалните потреби на пациентката.
Ниту една жена не треба да живее со хронична болка како „нормална“.
Препознавањето на симптомите, навременото обраќање кај гинеколог и информираноста се клучни чекори за рана дијагноза и подобар квалитет на живот.
Македонија
Почна спроведувањето на Законот за работно ангажирање на лица: нов чекор кон фер услови за работа и формализација на сезонскиот труд
ФЕР АНГАЖМАН
Со усвојувањето на Законот за работно ангажирање на лица, државата прави значаен исчекор кон унапредување на условите за сезонска и повремена работа, јакнење на социјалната заштита и намалување на неформалната економија.
Законот воспоставува јасна и поедноставена рамка за легално ангажирање лица за работи од сезонска или повремена природа, со што се овозможува регулирање на правата и обврските на ангажираните лица и работодавачите, како и воведување на дигитализирана постапка за пријавување и плаќање.

Со новото законско решение, ангажираните лица добиваат пристап до основни трудови и социјални права, вклучително и пензиски придонеси, осигурување во случај на повреда на работа и правна заштита, при што истовремено се задржуваат постојните социјални бенефиции. Од друга страна, работодавачите добиваат можност за брза електронска регистрација, намалување на административниот товар и поголема правна сигурност.
Законот е особено значаен за секторите со висок степен на неформално вработување, како што се земјоделството, туризмот и угостителството, и претставува основа за создавање пофер, потранспарентен и поинклузивен пазар на труд.
Ова законско решение е резултат на заеднички напори на релевантните институции и партнерските организации, во рамки на проектот „Подобри услови за вработување на сезонски работници во Северна Македонија“, имплементиран од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), во соработка со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.

Законот за работно ангажирање на лица претставува важен чекор кон формализација на трудот, јакнење на институционалната ефикасност и создавање одржливи и фер услови за сите учесници на пазарот на труд.
Повеќе информации за законот и начинот на негово користење се достапни на: av.gov.mk
Во наредниот период, во рамки на кампањата ќе се реализираат информативни сесии низ целата држава, каде работниците и останатите засегнати страни ќе имаат можност директно да се информираат и едуцираат за новите можности што ги носи законот. Првата информативна сесија е закажана за 4 март, 2026 во просториите на Општина Тетово, со почеток од 12:00ч.
За најнови информации, активности и корисни содржини, следете ги каналите на Центарот за истражување и креирање политики
https://www.facebook.com/crpm.org.mk
https://www.instagram.com/crpm.mk/
ПР
Македонија
Дебакл на Мицкоски, историски пад на странските инвестиции за 729 милиони евра, велат од СДСМ
„Драматчен пад на странските директни инвестиции во 2025 година од 61% покажуваат последните економски податоци на Народна банка. Со Христијан Мицкоски на чело на Владата, во 2025 година има намалување на странските инвестиции за огромни 729 милиони евра во споредба со 2024 година“, велат од СДСМ.
„Поради политиките на СДСМ, во 2024 година странските директни инвестиции изнесуваа 1 милијарда и 196 милиони евра, додека во 2025 година со Мицкоски тие се сведени на само 467 милиони евра. Дебакл.
Но, затоа има пари за криминални тендери, 161 тендер за една фирма, 51 за втора, 74 тендери за трета фирма блиска до власта. ВМРО-ОКГ се грижи само за својот приватен бизнис.
За време на владите на СДСМ, беа отворени 16 нови фабрики како резултат на директни странски инвестиции – гиганти. Се генерираа над 10.000 нови работни места само во технолошко-индустриските развојни зони.
Што се случува сега со Мицкоски и ВМРО-ОКГ? Има историски пад на инвестициите и губење на илјадници работни места. Германскиот гигант Aktiv официјално потврди дека се повлекува од Скопје, оставајќи 400 – 500 работници без работа. Во фабриката на Dura се кратат производни линии. Magna го стопираше своето претходно најавено ширење. Илјадници работни места се под сериозен ризик.
Ова е резултат на погрешните политиките на Мицкоски и ВМРО-ОКГ за изолација и криминални тендери за богатење на функционерите на власт.
Наместо да се занимаваат со економијата, тие преку своите медиуми се занимаваат со црна кампања и лажни афери. Нема интеграција – следи економска изолација“, соопшти СДСМ.

