Македонија
Казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра

Казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра, потсетува Министерството за труд и социјална политика.
Министерството соопштува дека ги информирало сите државни и приватни градинки, дека Министерството за здравство прогласи епидемија на мали сипаници (морбили) во Скопје, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести. Истовремено МТСП им укажало на градинките дека е на сила забрана за примање деца во градинките кои не се васкцинирани од МРП (вакцина за морбили, рубеола и паротит).
,,Градинките се задолжени и да спроведат санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки.
Врз основа на горе наведеното Министерството за труд и социјална политика укажува дека треба да се почитуваат одлуките коишто се донесени од страна на Министерството за здравство. Укажувањата и препораките се во насока превенција и поголема безбедност на децата”, се додава во соопштението.
Министерството за здравство вчера прогласи епидемија на морбили или мали сипаници на територија на градот Скопје поради 12 нови случаи. Министерот Венко Филипче информира дека шест од новите случаи се потврдени со соодветни анализи, а за останатите 6 анализите се очекуваат утре. Додаде дека меѓу новите случаи повеќето се деца, но има и возрасни, а сите се невакцинирани лица со МРП вакцината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Андоновска: Судиите понесени од моќта, затвораат луѓе за кражби на ќебапи, а деликвентите ги пуштаат на слобода

Поединци во судството го деградираат неговиот кредибилитет, и ја уништуваат довербата на граѓаните во системот, истакна на прес-конференција Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Секој ден сведочиме на пресуди кои се правни преседани, и кои немаат никаква правна основа, туку се темелат единствено на судската корумпираност и компромитираност. Еден таков случај е и пресудата за поправен дом за Васил Јованов убиецот на Фросина, кој кога бил фатен со дрога и иако бил полнолетен, и иако не чувствувал вина за криминалот кој го направил, наместо затворска казна, добил пресуда упатување во поправен дом. За некое време потоа да видиме колку тој поправен дом го поправил, па на булеварот Партизански одреди ја усмрти младата Фросина возејќи во алкохолизирана состојба и без возачка дозвола“.
Како што нагласи, судството кое го пушти Васил Јованов да помине со казна упатување во поправен дом, е виновно за смртта на младата Фросина на Партизанска. Да завршеше Васил Јованов во затвор наместо во поправен дом, вели Андоновска, до смртта на Фросина најверојатно нема ни да дојдело.
„Тоа што судиите во случајот Јованов пресудиле упатување во поправен дом е врв на безобразлук и немање осет за реалноста. Понесени од моќта, затвораат во затвор луѓе за кражби на ќебапи, а деликвентите ги пуштаат на слобода.
Судството мора да се менува. Промените не се опција, тие се моралност. И тие ќе се случат“, додава таа.
Македонија
ДУИ: Извртување на тезите на Ахмети, Македонија е унитарна држава

Демократската унија за интеграција (ДУИ) најостро реагира на, како што ги нарече, „тенденциозните наслови и интерпретации“ во дел од медиумите поврзани со синоќешната изјава на нејзиниот лидер Али Ахмети. Од партијата велат дека се работи за „скандалозна, неодговорна и поттикнувачка злоупотреба и извртување на јасната и недвосмислена порака“ на Ахмети, при што категорично отфрлаат дека станувало збор за повик за поделба на државата.
„Во изјавата беше потенцирано дека целта е Македонија да стане дел од Европската Унија, без притоа воопшто да се спомене поделба. ДУИ останува доследна на својата визија: Македонија да биде унитарна, заедничка и еднаква држава – не поделена, туку секогаш наша заедничка татковина“, стои во соопштението на партијата.
ДУИ упати апел до медиумите за професионално и одговорно известување, кое, како што велат, нема да поттикнува погрешни перцепции и недоразбирања кај граѓаните.
Контроверзии предизвика изјавата на Ахмети дадена од Тетово, во која тој му се обрати директно на премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи што би можело да предизвика евентуалното скршнување од европскиот пат.
„Ако не го продолжи Македонија својот пат кон ЕУ, тогаш граѓаните на оваа земја нема да имаат друг избор освен некои да одат со Албанија, а другите со Бугарија“, пренесе порталот „Тетова сот“.
Најостро реагираше Демократскиот сојуз, кој ја оцени изјавата како „директна закана за територијалниот интегритет на државата и повик за поделба на Македонија“. Оттука го повикаа Јавниот обвинител да отвори истрага против Ахмети за загрозување на уставниот поредок и нарушување на територијалниот интегритет.
Македонија
СДСМ со предлог-резолуција: Уставни измени до февруари 2026 година за да се отвори првиот кластер во преговорите со ЕУ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција ја претстави предлог-резолуцијата со која, како што рече, се дефинираат заедничките државни и национални позиции за продолжување на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Филипче нагласи дека резолуцијата е потврдена врз основа на сите досегашни стратешки документи, договори и иницијативи на Собранието и Владата, и ја поставува рамката во која сите политички субјекти и институции ќе треба да делуваат во наредниот период.
Особен акцент во документот е ставен на временската рамка за уставните измени, кои се дефинирани како последна пречка за напредок во европската интеграција.
Временска рамка за уставни измени, според резолуцијата:
Од 15 до 25 ноември 2025 година, Владата треба да се изјасни околу поднесените амандмани за внесување на бугарската и другите етнички заедници во Уставот – дали останува на истиот текст или предлага нов.
Доколку има нов текст на амандманите, тој треба да биде усвоен од Владата и доставен до Собранието до 1 декември 2025 година.
Собранието треба да ја започне постапката за измена на Уставот најдоцна до 15 декември 2025 година, кога е предвидено и првото гласање.
Финалното гласање за уставните измени треба да се одржи најдоцна до 10 февруари 2026 година, кога треба да се усвои и Уставниот закон за нивно спроведување.
Истовремено, Владата ќе испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека обврските за одблокирање на процесот се исполнети, заедно со сите подготвени документи (патокази).
Очекувања од ЕУ
Со ова писмо, Владата ќе побара Европската комисија да организира Меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија, на која ќе се донесат одлуки за одблокирање на преговорите и отворање на првиот кластер – „Темелни вредности“. Ова, според резолуцијата, треба да се случи не подоцна од 15 февруари 2026 година.
Заштита на националните интереси
Во предлог-резолуцијата се потенцира дека Владата и сите државни институции мора доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија. Преговорите, се нагласува, треба да се водат на рамноправна и принципиелна основа, во согласност со меѓународното право и со целосно почитување на достоинството и посебноста на Македонскиот народ, како и во согласност со Резолуцијата усвоена од Собранието на 29 јули 2021 година.
Документот дополнително утврдува дека во текот на преговорите за пристапување, па сè до нивното завршување со потпишување на Договорот за членство, Владата нема да прифати промена на решението за македонскиот јазик утврдено во Преговарачката рамка. Со полноправното членство, македонскиот јазик ќе стане еден од службените јазици на ЕУ, без какви било додавки, објаснувања или фусноти, во согласност со заклучоците на Собранието донесени на 16 јули 2022 година.
Во резолуцијата јасно се нагласува и дека билатералните прашања поврзани со добрососедските договори, кои не се дел од европското право и Копенхашките критериуми, не смеат да бидат услов за отворање и затворање на поглавјата и кластерите во процесот на пристапни преговори со Европската Унија.