Македонија
Казни за маркети и гостилници во Крива Паланка, уништени педесетина килограми небезбедна храна, соопшти АХВ

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) вчера спроведоа вонредни контроли на операторите со храна во Крива Паланка.
Нештетно се уништени педесетина килограми небезбедна храна, информираат од Агенцијата.
„За утврдени недоследности пуштање во промет на небезбедна и недекларирана храна (подготовки од месо) на маркет од овој град издадено му е решение и прекршочен платен налог, а како небезбедни уништени се 15,6 килограми од посочените производи.
За пласирање небезбедни производи што не биле декларирани, решение и прекршочен платен налог издадени се и на гостилница. Таа продавала недекларирани димени производи, замрзнати колбаси и плуподготвена замрзната храна. Како небезбедни, по потекло од овој оператор со храна, нештетно се уништени 30 килограми храна од животинско потекло.
Изречена ѝ е глоба и на гостилница кај која со контролата е утврдено дека не поседувала санитарни книшки за извршени задолжителни здравствени прегледи на вработените.
Недоследности не се утврдени при спроведени инспекциски контроли кај пицерија и две месарници во овој град“, соопшти Агенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска Давкова објави дека се фотографираше со Доналд и Меланија Трамп

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на својот Фејсбук-профил објави дека ѝ претставувало чест да присуствува на приемот што го приредија претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и неговата сопруга Меланија Трамп, по повод 80. Генерално собрание на Обединетите нации.
Во објавата таа истакна дека во овие турбулентни времиња е важно да не се отстапува од демократските вредности и да се работи заеднички на зачувување на глобалниот мир и безбедност, додавајќи дека САД остануваат искрен сојузник на Македонија.
„Благодарност за гостопримството!“, напиша Сиљановска Давкова.
Македонија
Филипче: Ѓубрето во Скопје е исклучиво одговорност на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Сoцијалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарски прашања поврзани со најновите анкети кои се појавија во јавноста, а кои наводно укажуваат на слаб резултат на СДСМ, остро ги отфрли ваквите наративи, оценувајќи ги како намерен обид да се искриви реалната слика во општеството.
„Прво, анкетите сметам дека се обид да се искриви вистинската слика во секојдневниот живот и реалноста, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ според наши анализи губи огромен број на гласови. Сакаат да створат некаква перцепција дека се победници, меѓутоа вистината е дека граѓаните воопшто не се задоволни од начинот како тие ги раководат општините“, рече Филипче.
Во одговорот, Филипче посочи дека токму локалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе четири години е најсилниот аргумент против нив, особено во главниот град.
„Еве, 90% од општините во Скопје, вклучувајќи и градот Скопје, се раководени од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години. Па гледајте во каков град, какви општини живееме. Така што сметам дека е тоа само еден таков обид“, рече Филипче.
На новинарско прашање за хаосот со ѓубрето, запуштените улици и урбаната запоставеност на градот, Филипче директно ја посочи одговорноста кон ВМРО ДПМНЕ.
„Исклучиво и ексклузивно вината е во ВМРО-ДПМНЕ, во блокадите на Советот во Град Скопје, во рамките на раководењето на нивните општини. Еве, видете како е несредено, неискосено, неисчистено и во Аеродром, и во Кисела Вода. И сега тие луѓе повторно претендираат да бидат градоначалници“, рече Филипче.
Тој додаде дека оваа очајна слика е резултат на неработење и неодговорност на ВМРО ДПМНЕ, а дека пуштањето на анкети со однапред нарачани резултати е обид за одбрана од вистината.
„И во една таква ситуација, кога луѓето се свесни дека тие луѓе немале никаков перформанс, и сега се повторно кандидати, сè што можат во овој предизборен период е да пуштат такви лажни анкети“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Пожарите стивнаа, остана само еден активен

На територијата на државата денеска до 18:00 часот има два пожари на отворен простор, од кои еден пожар е активен и еден е изгаснат, информираат до ЦУК.
Активен е пожарот во Општина Демир Капија, кај м.в. Јаворица каде гори нискостеблеста деградирана шума.
Изгаснат е пожарот во село Дедели, во Општина Валандово, каде гореше депонија.