Македонија
Камион со 25 мигранти излетал од патот Свети Николе – Куманово

Камион со бугарски национални ознаки со 25 мигранти излетал од патот Свети Николе – Куманово, во близина на село Градиште. Со повреди се здобиле сите 25 лица кои биле пренесени во болница.
Според информациите на МВР, несреќата се случила утринава околу 6:45 часот. Во возилото биле пронајдени 25 мигранти, од кои 15 државјани на Авганистан, девет на Пакистан и еден од Ирак. Седум биле малолетни лица.
За настанот бил известен јавен обвинител, а увид на местото извршила екипа од СВР Куманово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дождот не помогна многу – чадот од Дрисла и утрово не стивнува, затрупувањето продолжува

Дождот засега не помогна многу во гаснењето на пожарот во депонијата Дрисла, што се чувствува во воздухот во Скопје.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека секојдневно се истурале тони вода, но чадењето продолжувало. Вчера властите прибегнаа и кон затрупување на опожарените делови, но депонијата продолжи да гори и утрово.
Ангелов најави дека во 12.00 часот ќе одржи прес конференција на која детално ќе информира за сите активности кои се превземаат на депониите Дрисла и Вардариште.
Жителите на Ново Лисиче, Аеродром, Центар, Драчево и Кисела Вода, синоќа на социјалните мрежи реагираа дека надвор не се дише и мириса на изгорено. Ангелов кажа дека ветрот го сменил правецот и чадот од депонијата се упатил кон Скопје.
Македонија
„Зелен хуман град“: Решение за депониите не е јавно-приватно партнерство, туку нула отпад

Активистите на „Зелен хуман град“ реагираа на изјавата на премиерот за депониите, оценувајќи дека најавите за ново јавно-приватно партнерство за управување со Дрисла се погрешен пристап.
„Премиерот вчера изјави дека неговата партија ќе барала на тендер фирма за јавно-приватно партнерство што ќе управувала со Дрисла. Неговата партија не го создала проблемот со депониите, ама ќе го решела. Веќе го спроведоа ова решение и што ни донесе тоа? Една деценија изгубена и нула од ветените инвестиции. Отпадот заврши во рацете на криминалци кои, според јавно достапните информации, вршеа нерегулиран увоз на контејнери со отпад“, велат од иницијативата.
Тие потсетуваат дека „според Европската комисија меѓу 15 и 30 отсто од отпадот извезен од ЕУ завршува како нелегален транспорт во земји со слаба легислатива како Македонија“.
„Се декларирате ко патриоти, а не постои попатриотски чин од заштита на животот и здравјето на жителите на Македонија. Секоја следна година се давиме во сè повеќе отпад и дишеме сè позагаден воздух од кој умираат илјадници луѓе годишно“, додаваат активистите.
Како решение тие го предлагаат концептот „нула отпад“ кој, според нив, опфаќа: дисперзирани компостари за биоотпад во секое маало („60-80% од отпадот е биоотпад“), постројки за преработка на градежен шут, масовна едукација за примарна селекција (стакло, метал, пластика, хартија, електронски отпад), работилници за поправка и реупотреба на мебел и електроника, извоз на преостанатиот отпад во земји со функционални институции.
„Депонирањето е практика од минатиот век. Современите општества се стремат кон нула отпад. Јавно-приватното партнерство е форма на приватизација на јавното на мала врата. Приватникот нема интерес да ја намали количината отпад, туку обратно – му треба постојан проток за профит“, истакнуваат од „Зелен хуман град“.
Во соопштението се потсетува и на случајот со увоз на токсичен отпад: „Сите го паметиме случајот со отпадното масло забрането во ЕУ, кое во Македонија лажно се претставуваше како мазут и се користеше дури и во државни институции и болници“.
„На Дрисла не ѝ требаат странски пари ниту донации. Нам ни треба нашите пари, со кои за несреќа располагате, да бидат наменети за приоритетите што ние, граѓаните, ги имаме, наместо да завршуваат во џебовите на корумпирани политичари“, порачаа од иницијативата.
Македонија
Заменик директорот на Царина: Со националниот едношалтерски систем ги поставуваме темелите за одржлив раст и посилна регионална поврзаност

Националниот едношалтерски систем е еден од клучните столбови во градењето на потранспарентно, поефикасно и интероперабилно царинско опкружување. Со овозможување на поднесување на сите документи преку една влезна точка, системот го намалува административниот товар, ја зголемува усогласеноста, ја зајакнува довербата помеѓу јавниот и приватниот сектор, ја подобрува координацијата меѓу граничните институции и создава поповолна бизнис-клима. Ова го истакна заменик директорот на Царинската управа, Мустафа Даути, во воведното обраќање на тридневната Регионална работилница за царинските управи на Западен Балкан, што се одржува во Скопје во организација на Програмата за развој на трговското право при Министерство за трговија на САД во координација со Царинската управа, како и Европската комисија, Министерството за финансии на Полска и Финансиската управа на Словенија. На настанот поздравно обраќање имаа и Барнабас Биркланд, економски аташе на Амбасадата на САД и Але Тајлер, правен советник при Програмата за развој на трговското право при Министерство за трговија на САД.
Националниот едношалтерски систем како дел од Проектот на Светска банка за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан претставува голем чекор напред и за нашата земја и за целиот регион, вели Даути.
„Проектот има за цел да ги интегрира и поедностави сите царински постапки во една унифицирана дигитална платформа, овозможувајќи побрзо спроведување на царинските процеси и унапредена соработка помеѓу различните институции. Ова ќе резултира со поедноставување на процедурите за увоз, извоз и транзит, како и намалување на трошоците, зголемена ефикасност и транспарентност. Оваа иницијатива не се однесува само на технологијата, таа ги поставува темелите за одржлив раст и посилна регионална поврзаност. За Западен Балкан, придобивките од ваквите системи се особено значајни бидејќи ја зајакнуваат регионалната интеграција, го поддржуваат процесот на усогласување со ЕУ и овозможуваат полесна и побрза прекугранична трговија“, нагласи Даути.