Македонија
Кампања за носење маски на зелените пазари

Полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје, во соработка со претставници од АД „Скопски пазар“ како правно лице што управува со зелените пазари, почнувајќи од денеска, ќе реализираат кампања за преземање превентивни мерки и активности во врска со заштитата од ширењето на вирусот Ковид-19. Активностите во рамките на оваа кампања имаат цел подигање на јавната свест и потреба за одговорно однесување од страна на сите, со што ќе придонесеме за заштита на присутните лица на зелените пазари на подрачјето на Скопје.
Со кампањата ќе бидат опфатени зелените пазари на ниво на град Скопје, и тоа: Бит-пазар, Буњаковец, Ченто, Тафталиџе, Ѓорче Петров, Драчево, Бутел, Чаир, Аеродром, Автокоманда, каде што ќе се информираат посетителите и закупците на просторот за начинот на користење на заштитната опрема, потребата за користење, како и за санкциите во согласност со донесените препораки доколку тие не се почитуваат.
Во рамките на кампањата на граѓаните ќе им бидат поделени маски и ракавици. Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат одлуките што се однесуваат на задолжителна употреба на маски и друга заштитна опрема и да се придржуваат на потребното растојание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Камбовски: Личен чин е дали членовите на Судски совет ќе поднесат оставки или не

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски денеска изјави дека набрзо ќе биде избран в.д. претседател на Врховниот суд, а изборот како што појасни доцни бидејќи се уште не се спроведени постапките за интегритет и психолошкиот тест.
„Комисијата не успеа да го направи тоа, бидејќи имавме повеќе од 70 кандидати од Академија, кои исто така се тестираа. Претпоставувам тоа беше причината што повеќе се даде приоритет таму, бидејќи има многу кандидати и така се пролонгира постапката. Меѓутоа за брзо време ќе биде избран. Затоа изборот е ставен на седница на Судски совет, бидејќи во среда истекува мандатот на актуелниот претседател на Врховен суд, појасни тој пред почетокот на седницата на Судски совет.
На прашањето дали седниците на Судскиот совет кои се закажани за денеска и утре се користат како алиби за членовите за кои се бара интерпелација, да не присуствуваат на седницата на Собранието, Камбовски рече дека не постои таква намера.
„Апсолутно не. Немаше никаква намера. Ние кога се закажуваше нашата седница не знаевме дека ќе биде на иста дата и собраниската седница. Нашава седница воопшто не е пречка таа да биде одржана, и обратно, собраниската, пак, да биде пречка нашава да се одржи. Доколку некој од колегите изрази желба да отиде таму и да даде изјава, ние тука ќе ја прекинеме седницата и ќе почекаме да се врати. Значи нема да има никаква пречка ниту во Собрание, ниту во Судскиот совет“, појасни Камбовски и додаде дека останува да одлучат сами дали ќе бидат присутни на собраниската седница или не.
„Тоа е нивен избор, јас не можам во нивно име да кажувам, и не знам кој од нив одлучил да оди и да го користи правото да се обрати на Собранието. Доколку некој одлучи, ние тука ќе ја прекинеме седницата, ќе дадеме можност на колегата да отиде во Собрание, да си даде таму изјава, па ќе го почекаме да се врати назад и ќе продолжиме со нашата работа“.
Околу тоа дали очекува некој од нив да поднесе оставка, одговори дека тоа е личен чин.
„Не знам, тоа е личен чин, индивидуална одлука. Не можам јас, ниту очекувам, ниту не очекувам. Не знам како ќе се одлучат колегите, посочи Камбовски.
Камбовски кажа дека има пријавено кандидати за судии во сите судови, но нагласи дека смета оти нивниот избор нема да ги реши проблемите, туку само ќе ги ублажи.
„Треба уште судии за основните судови. Со ова го ублажуваме проблемот, но не го решаваме целосно’, нагласи тој.
Македонија
(Видео) Кузеска: Мицкоски и Таравари фатени во лаги за паркингот на Клиничкиот центар

Изјавите на министерот за здравство Таравари и на премерот Мицковски во однос на паркингот на Клинички центар се дефинитивно контрадикторни и се гледа дека оставаат простор, за да бидат поблаги реакциите во јавноста, заради договорот со албанската фирма, оценува Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Прво, како што вели, како е можно Таравари да тврди дека договорот ќе биде на 7,8 години и со изговор дека Клиничкиот центар, потоа, нема да биде таму. А, имаме изјава и од премерот Христијан Мицкоски,потсетува таа, кој изјави дека нема да има нов Клинички центар.
Прашува дали со ова Таравари се обидува да ја намали штетата, односно да ги ублажи реакциите во јавноста, како што кажав и претходно, а со цел секако, да се оди со овој договор до крај.
„Мицковски, пак, намерно остава простор за потпишување на договорот кога вели, затоа и ќе цитирам да бидеме прецизни: ’Во предвид ја земаме тендерската спецификација и се разбира дека фирма што нема кредибилитет, нема бонитет, ниту технички карактеристики, нема да биде избрана и сето ова тука завршува. Дали ова значи дека ако фирмата има бонитет и кредибилитет, овој скандалозен договор треба да се потпише? Зошто Мицкоски тогаш не го отфрли веднаш?“
Напоменува дека станува збор за договор со којшто 99% проценти од профитот оди за албанската фирма, а 1% за државата“.
Затоа СДСМ бара итно објавување на повикот од страна на Министерството за здравство, итно објавување на физибилити студијата за кој е распишан тендерот. Тоа, потенцира Кузеска, и Мицкоски и Таравари и го должат на јавноста.
Македонија
Андоновски до потписот не знаел дека компанијата што добила два тендера во неговото министерство е на сопругот на државната секретарка

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски не ги поништил тендерите за набавка со компанијата сопственост на сопругот на државната секретарка во Министерството за да не ја изложи институцијата на судски постапки. Денес, на прес-конференција, по последните обвинувања од СДСМ, рече дека до потписот не знаел чија е компанијата, но поради презимето истражил.
„До потписот јас не знаев дека постои ваква фирма, но поради презимето, истражив и бев ставен во една ситуација, доколку ја поништам постапката, го ставам Министерството на трошок да се спроведуваат против нас судски постапки, кои биле пракса во минатото, и да плаќаме пенали затоа што фирмата ги исполнува сите законски услови и нема ниедна законска пречка зашто таква фирма не треба да учествува на јавна набавка. Уставно право на секој граѓанин е да учествува во првниот промет. Ние сите потпишуваме изјави за судир на интереси и во овој случај ниту дел од мојата изјава за судир на интереси или изјавата за судир на интереси на вработените што учествувале во постапката не е прекршена“, рече министерот Андоновски.
Иако истражил чија е компанијата, Андоновски нагласи дека како министер нема законска можност или простор за истражување на контактите на секој од 150 вработени во Министерството и нивниот однос со приватни компании.
Државната секретарка Андоновски вели дека не учествува во ниедна фаза од постапките за јавна набавка, па од тука нема судир на интерес, но ги повика институциите да истражат.
Објасни дека не го оштетил, туку му заштедил да Министерството со изборот на компанијата.
„Лага број еден на СДСМ е дека договорот е на сума од 2,5 милиона денари.
Постигната е цена од 1.531.927,00 денари, која е речиси 40 % поевтина од планираната сума за јавната набавка од 2.500.000,00 денари. На тој начин заштедени се приближно еден милион денари (16 илјади евра) пари на граѓаните. Предвидените производи се навремено и квалитетно испорачани при преселбата на Министерството. При дополнително направената анализа направени се заштеди од 10 до 45 % од производ во споредба со пазарните цени, нешто што никогаш не било случај во време на владеењето на СДСМ. И втората набавка, за проект што СДСМ го блокира, е мала, од 500 илјади денари, во која исто така се постигнати пониски цени од пазарните до 40 %“, објасни министерот Андоновски.
Тој најави тужба за клевета против СДСМ доколку не му се извинат за сите напади изминативе недели.
„На крајот, дозволете да кажам нешто лично. СДСМ со недели не престанува да ме навредува, омаловажува, лаже за мене и за моето семејство. Ги повикувам за изнесените невистини и лаги и на денешната прес-конференција да се извинат. Во спротивно, ги задржувам правото и можноста да побарам нивна одговорност за навреда и клевета пред судовите во Македонија. Тоа не го направив досега, но веќе со тенденциозноста на нападите ме предизвикуваат да го направам“, рече министерот Андоновски.
СДСМ денес обвини дека во Министерството со кое раководи Андоновски, а државна секретарка е Гордана Клинчарова, тендери добива нејзиниот сопруг Мартин Клинчаров.