Македонија
(Видео) „КАМ маркети“ казнети зашто зејтин давале само за сметки над 800 денари
Три маркети на КАМ добија казна од 12.000 евра за фирмата и 3.600 евра за одговорното лице од Пазарната инспекција откога зејтинот го тргнаа од полиците, а иако го имале резерва, го давале само ако купувачите направат сметка над 800 денари.
Ова доаѓа по објавите во медиумите дека вработените ја спроведувале оваа одлука на раководството. Директорката на ДПИ, Анета Симеска-Димоска, рече дека ова е нечесно пазарно однесување.
„Кај еден субјект имаме прекршочни платни налози за нечесно пазарно однесување – имаше масло во магацинот, а не и на рафтот. Има и прекршочни платни налози, каде што според Законот за заштита на потрошувачите тоа се однесува на условување купување едни или други производи, што е казниво. Казната е 4.000 евра за правното и 1.200 евра за одговорното лице. Станува збор за еден троговец, кој има повеќе маркети, а тоа е утврдено во неколку градови“, изјави директорката Симеска-Димоска како резултат од инспекцискиот надзор.
Инспекторите во вторикот направиле проверка во повеќе маркети на КАМ.
„Маслото за кое зборувате во однос на евиденцијата со документација во приемниот лист, каде што сме надлежни, е со продажна цена од 90 денари. Нема да дозволиме да имаме манипулации од страна на трговците. Бараме да имате доверба, трпение и чувство дека навистина како роган се грижиме максимално да ги спроведеме нашите обврски“, додаде Симеска-Димовска.
Една од телевизиите вчера јави дека на рафтовите од КАМ има зејтин и станува збор за дезинформации. Според казнувањето на ДПИ, ваквата објава е пласирана без да се провери на терен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

