Македонија
„Канцер-мафијата, за да може да ја злоупотребува скапата терапија, немала евиденција, ниту систем за контрола на апликацијата на лекови“, велат ВМРО-ДПМНЕ
„Извештаите за работењето на клиниката за Онкологија покажуваат катастрофална состојба и хаос и сето тоа било толерирано од страна на министерството за здравство. Причината е логична, во хаосот лесно се манипулира и злоупотребува особено ако се работи за екстремно скапа терапија каде што една ампула чини стотици и илјадници евра. Извештајот од финансиската контрола на Онкологија покажува дека системот на водење на контролата на лекови бил свесно поттурнуван и занемаруван и тоа не било возможно без знаење на врхушката на власта, бидејќи за состојбите на онкологија се зборуваше со месеци и години наназад и никој ништо не преземал“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Според податоците од извештајот, во поголем дел од историите недостига апликационата листа или таа не нецелосно пополнета. Исто така забележани се случаи каде што на пациенти им биле давани лекови на рака да ги аплицираат во други здравствени установи, а биле книжени како аплицирани на клиниката на Онкологија.
На одделенијата за лежечки пациенти во амбулантските дневници персоналот запишувал дека постоел остаток од некои вијали, но нема интерна книга, писмен траг или софтверски систем за тоа дали истите остатоци се фрлени или дадени и кому се давани.
Канцер-мафијата ловела во матно. Создала хаос, создала башибозук на клиниката за Онкологија, каде што имало скапа терапија, и тоа го искористила.
Пациентите според сведоштвата наместо соодветна услуга добивале физиолошки раствор или одложување на терапијата, а притоа без никој да води сметка скапата терапија била изнесувана од клиниката, а дел завршила на црниот пазар во земјава или странство. Овој скандал „Диво месо“ отвора сомнеж за дупла добивка за канцер мафијата, ем можност за неконтролирано изнесување на терапија, ем постојан недостаток на скапата терапија кој се набавувал ексклузивно од омилената веледрогерија.
Случајот „Диво месо“ покажува каков грозоморен грабеж бил правен на грбот на најтешко болните пациенти и на сметка на даночните обврзници. Канцер-мафијата мора да одговара“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

