Македонија
Карантинот во „Молика“ тече според пропишаните протоколи

76 граѓани се сместени во државен карантин во хотелот „Молика“ на Пелистер. Лицата се вратени со чартер-лет од Меминген, Германија, и се сместени во хотелот „Молика“ во текот на изминатиот викенд.
Изолациониот период тече во најдобар ред, граѓаните добиваат три оброци дневно, вода, средства за лична хигиена и за одржување на хигиена во собите. Исто така, овозможено им е и да примаат храна, облека и други потребни средства од своите блиски, кои може да ги предадат во хотелот секој ден меѓу 11 и 12 часот.
Во хотелот има строга дисциплина и почитување на сите воспоставени протоколи и редот се одржува од службени лица од МВР.
Персоналот нема допир со изолираните граѓани. Храната се подготвува во хотелската кујна, но таа се доставува до собите од страна на едно лице волонтер, кое обврските ги врши со заштитна маска и ракавици и кое во овој период исто така е сместено во хотелот.
Приемот и сместувањето на граѓаните се направени во координирана, професионална и успешна соработна со МВР и со Клиничката болница во Битола за што АД ЕСМ упатува благодарност до институциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива непречено, по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Отворени избирачките места, право на глас имаат 1,83 милиони граѓани

Во 7 часот денеска започна гласањето на осмите Локални избори од осамостојувањето на државата.
На Локалните избори 2025 во Северна Македонија право на глас имаат 1.832.415 граѓани.
Меѓу вкупниот број државјани со право на глас се и 112 илјади запишани во посебниот Избирачки список со лица во странство, како и 2.162 лица во затвор односно притвор и 450 гласачи од домовите за стари лица.
Локалните избори се одржуваат во сите 80 општини во државата и во Град Скопје.
Се гласа на 3.474 избирачки места.
На Локалните избори 2025 има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.
Македонија
Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“

Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“ по дождливо време и според вообичаената маршрута, но без давање официјална изјава од нив, што досега беше начин на комуникацијата на родителите на починатите со јавноста.
Преку испишаните пораки на транспарентите, тие и денеска за трагедијата во „Пулс“ ги обвинија институциите, од кои бараат правда и праведно судење. Десетина минути беше блокиран сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.
Маршот за нивните ангели родителите го почнаа од „Паркот на Револуцијата“, од каде се упатија кон Трговскиот центар. Марширањето продолжи кон Основниот суд со кратки запирања пред зградата на УЈП и Полициската станица.
27. „Марш за ангелите“ во Кочани денеска заврши каде и што почна – во „Паркот на Револуцијата“.