Македонија
КАРИЛ доби два монитора за следење витални параметри од „Спорт лајф“

Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување КАРИЛ доби донација од „Спорт лајф“, која се состои од два монитора за следење витални параметри со два модула за мерење инванзивен притисок.
„Голема благодарност до компанијата за оваа донација, која е многу важна за работата на медицинскиот кадар, и донација со која значително се подобрува функционирањето на интензивното одделение на КАРИЛ“, рече министерот Филипче.
Станува збор за донација од обложувалницата „Спорт лајф“, во вредност од 400 илјади денари или 6,5 илјади евра.
„Овие монитори се важни за нашата работа, најмногу за пациентите на интензивна нега, за активно следење витални параметри без кои не може едно современо интензивно одделение“, изјави директорката на КАРИЛ, д-р Маја Мојсова Мијовска.
Двата монитора ја имаат функцијата за следење на виталните параметри на пациентите, мерење крвен притисок, пулс и пулс-оксиметрија, инванзивен притисок и ЕКГ. Со оваа донација, се подобруваат условите на КАРИЛ и можноста за следење на здравствената состојба на пациентите.
„’Спорт лајф’ како општествено одговорна компанија ги поврзува спортот и хуманоста во едно. Особено ни е драго што во тоа успеавме со акцијата ‘Голови за победа, голови за радост’, во рамки на Светското првенство во ракомет. Секој гол и успех на нашите ракометари значеше чекор поблиску до реализација на донацијата. Токму денес имаме чест и да ја доделиме. Тоа се двата монитора за витални параметри кај пациентите, кои во соработка со Министерството за здравство се наменети за клиниката за КАРИЛ. Здравиот живот и хуманоста се дел од нас, дел од спортот и ‘Спорт лајф’“, потенцираше претседателот на Управниот одбор на „Спорт лајф“ групацијата, Горан Павиќевиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.