Македонија
Карпош ја почна годината без изгласан буџет: нема пари за плати, за струја и вода во градинките и училиштата, вработените на протест
Вработените во општинската администрација во Карпош, денеска, се собрааа на протест со цел јавно да ги изразат своето незадоволство и стравот од последиците поради недонесувањето на буџетот на Општина Карпош за 2024 година.
Причина за тоа, како што велат, е несовесното и противзаконско работење на некои од членовите на Советот, поточно на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Роберт Вељановски, Марјан Стефановски, Адријана Јакимовска-Панчевска, Благица Цветановска, Христо Саракинов и Давор Грче, како и членот на Советот од Независните за Карпош, Невена Георгиевска, и претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, претставник на Левицата.
„Со овој чин тие докажаа и покажаа дека работат спротивно на интересите на граѓаните, од кои ги добија мандатите. Блокирањето на општинскиот буџет од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коaлицијата повлекува низа сериозни проблеми со кои ќе се соочат сите граѓани на Карпош, и тоа во најтешкиот и најдолг месец во годината“, велат вработените.
Потенцираат дека, меѓу другото, редовното функционирање на Општината подразбира и: одржување на хигиената на јавните површини; одржување на урбаната опрема и детските игралишта; доведени се во прашање и одржувањето на уличното осветление; тековното одржување на сервисните општински улици и инфраструктурата, односно водоводот, атмосферската и фекалната канализација; одржување на коловозот во зимски услови, односно чистење на снегот (на само неколку дена пред најавата за обилни врнежи од снег).
Велат дека членовите на Советот го довеле во прашање функционирањето на Општина Карпош, но и платите на вработените во Општината, градинките и училиштата, како и договорите на привремено вработените во Општината, училиштата и градинките.
Општината од 1 јануари нема основ ниту, пак, средства да ги плати редовните режиски трошоци (телефон, струја, вода, греење) во општинските објекти, како и во училиштата и градинките.
„На тој начин на општинската администрација ќе ѝ биде оневозможено правото на работа и извршување на работните обврски бидејќи ќе бидеме лишени од основните услови за работа“, се вели во писмото.
Бараат од Обвинителството да преземе мерки против, како што велат, незаконското и злонамерно работење на претседателот на Советот и повеќекратните штети предизвикани со неговиот неодговорен однос.
По протестот реагираа од ВМРО-ДПМНЕ:
„Манипулациите и заканите дека вработените ќе останат без плати се последниот обид на Јакимовски да изврши притисок врз советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Карпош да го изгласаат буџетот за 2024, а со тоа да ги спаси и остави во живот ДУП-овите и урбаната мафија, која го разорува Карпош. Но, и оваа лага многу бргу ќе биде обелоденета. Има и постојат законски можности обврските кон вработените да бидат целосно, редовно и навремено исплатени“, велат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ бара итно свикување седница на Советот на Општина Карпош за донесување одлука за привремено финансирање на Општината сѐ до донесувањето на буџетот за 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.

