Македонија
„Катимерини“: Разговорите за името забавија, неизвесна е посетата на Коѕијас на Скопје
По силниот почеток, разговорите меѓу владините претставници на Грција и поранешната југословенска Република Македонија (ПЈРМ) во врска со спорот за името значително забавија бидејќи Атина чека значајни отстапки од Скопје за клучните барања на Грција за промени во Уставот на ПЈРМ, пишува грчкиот весник „Катимерини“.
Понатаму во текстот пишува дека имало надежи дека грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, ќе го посети Скопје, но падот на динамиката на разговорите го одложило патувањето на неодредено време.
„Оваа недела Коѕијас треба да зборува на универзитетот во Бостон и не би можел да патува во Скопје. Меѓутоа, разликите што продолжуваат да ги одделуваат официјалните претставници на Грција и на ПЈРМ може да значи дека патувањето нема да се случи до крајот на март. Патувањето на Коѕијас, кога ќе се случи, ќе биде првиот директен лет од Атина до Скопје по 12 години“, пишува „Катимерини“.
Во меѓувреме дипломатите внимателно ќе ја следат денешната посета на Скопје од страна на американскиот помошник-државен секретар за европски и евроазиски прашања, Вес Мичел, кој в четврток ќе отпатува во Атина.
„Во изјавата објавена пред неговото патување Стејт департментот рече дека Мичел ќе ја потврди поддршката на САД за евро-атлантските аспирации на ПЈРМ и за тековните преговори со Грција. И покрај тоа што ПЈРМ ги следеше ветувањата да направи симболични промени – како што се промена на имињата на меѓународниот аеродром во Скопје и на клучниот автопат, грчките власти се загрижени поради отсуството на каква било промена во суштинските прашања“, пишува во текстот.
Континуираното одбивање, продолжува текстот, од страна на премиерот на ПЈРМ, Зоран Заев, да ја разгледа можноста за ревизија на Уставот на неговата земја поради загриженоста на Грција за иредентистичките референци е клучно.
„Заев, наместо тоа, инсистира на изготвување меѓународен договор, истакнувајќи дека во секој случај неговата влада го нема потребното парламентарно мнозинство да протурка какви било уставни измени. Грчките власти тврдат дека Заев може да ги убеди пратениците да ги донесат уставните реформи“, пишува „Катимерини“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Николоски: Автопатот Прилеп – Битола го градиме со силна динамика
Автопатот Прилеп – Битола се гради со силна динамика и до 2028 година ќе го изградиме, напиша вицепремиерот Александар Николоски на својот фејсбук профил и објави видео од изградбата.
„Силен прогрес во изградбата на автопатот Прилеп – Битола. Продолжуваме по планот, автопат од Прилеп до Битола до 2028 година“, објави вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Видео) „Јорданов се пишмани – Општина Штип ќе го продаде Дино паркот од 800.000 евра на приватен бизнисмен“, велат од партијата Левица
„Штипскиот Дино парк да падне во рацете на приватен бизнисмен преку јавно – приватно партнерство, односно да се издава под кирија и тоа на период од 15 години“, ваква Одлука изгласаа советниците од ДПМНЕ на седницата на Советот на Општина Штип, известуваат од партијата Левица.
Советникот од Левица, проф. д-р Ангеле Михајловски, изрази сомневање дека ова е однапред договорено сценарио, кое се чуваше во тајност за време на изборната кампања, со што советниците на Левица гласаа против ваквата одлука, иницирана и спроведена од градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и советниците од власта, предводена од ДПМНЕ.
„Однапред сте знаеле дека Дино паркот ќе го дадете на приватна фирма – не може да ме убедите поинаку! Со влезниците што се наплаќаат, заработката би била поголема од закупот што ќе го добива Општината”, истакна советникот од Левица, проф. д-р Ангеле Михајловски, на советничката говорница.
Михајловски од Левица потенцираше дека помина само еден месец откако помпезно се отвори Дино паркот во Штип, непосредно во пресрет на Локалните избори. За Дино паркот се потрошија 800.000 евра.
„Освен што Дино паркот беше свечено отворен во екот на изборната кампања, во ниедна прилика тогаш не се спомена дека истиот ќе биде даден под наем. Наративот тогаш беше дека е наменет за граѓаните, а имаше и изјави дека нема да се наплаќа влез“, додаде советникот од Левица, Михајловски.
Советникот од Левица, Ангеле Михајловски, посочи и дека е апсурдно што Општина Штип со две јавни претпријатија, над 400 вработени и уште 160 во администрацијата, тврди дека не може да управува со објект што сама го изградила.
Од Општина Штип велат дека се одлучиле да го издадат Дино-паркот само еден месец по отворањето поради тоа што Општината и јавното комунално претпријатие немале капацитет, кадровски и финансиски ресурси за негово одржување.
„Во материјалите што ги добивме стои дека се потребни неколку тоалети, маси и столчиња и поставување на десет камери. Тоа не е инвестиција што Општината не може да ја изведе. Ако поставува камери низ целиот град, како да нема капацитет за десет камери во паркот?“, праша Михајловски на советничката говорница.
Инаку, почетната цена на месечниот закуп за Дино паркот е 0,5 отсто од проценетата вредност или околу 4.000 евра (251.073 денари). Изградбата на Дино паркот ги чинеше граѓаните на Штип 50.214.600 денари од општинскиот буџет, додаваат од партијата Левица.
Македонија
Делови од Сарај, Гази Баба и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 д 15.00 часот, дел од корисниците од село Љубин (општина Сарај), како и објектите на компаниите Мајами, Ана Компани, Мак лифт и Прилепска Пивара. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од улиците Никола Мартиновски и Азем Хајдари, Албанскиот Тетар и објектите лоцирани околу него (општина Чаир), како и дел од корисниците од село Бојане. (општина Сарај)

