Македонија
Кај нас има 400 Авганистанци со привремен претстој, седуммина заминаа во Португалија

Северна Македонија во моментот им дава прибежиште на 400 граѓани од Авганистан, информираат од Владата.
Oд таму додаваат дека Авганистанците овде ја добиваат целата потребна поддршка додека не се обезбеди трансфер до нивната крајна дестинација. Трошоците за престојот се покриени од меѓународните организации.
„Четворица возрасни и три деца изутринава од Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ преку Истанбул заминаа за Португалија како нивно трајно одредиште“, се наведува во владиното соопштение.
Станува збор за вработени во меѓународни организации и нивни семејства, на кои во изминатиот период нашата земја им обезбеди привремено засолниште во рамките на меѓународната хуманитарна операција за помош на продемократското население во Авганистан, кое, како што нагласуваат од Владата, е под закана на новата талибанска власт во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обезбедени се 50 милиони денари за новите средношколци во дуално образование

Владата обезбеди 50 милиони денари за 1.570 стипендии за новите ученици во дуално образование од септември.
Во учебната 2025/2026 година учениците кои ќе се запишат во дуалните паралелки и ќе ги исполнат конкурсните услови, 9 месеци ќе добиваат по 3.500 денари.
„Реалниот сектор има потреба од стручни, квалификувани лица и за таа цел, како Влада преку овие мерки и чекори ги стимулираме младите своето образование да го продолжат во некоја од дуалните паралелки. Дополнително, потврда за тоа дека со оваа мерка како Влада ја развиваме соработката со реалниот сектор е вклучување на 550 компании кои директно ќе ја спроведуваат практичната обука на учениците што ќе се запишат во дуалните паралелки“, велат од Владата.
Се додава и дека се прават конкретни чекори за унапредување на образованието и создавање на кадри кои ќе добијат можност, доколку не го продолжат својот образовен процес на повисоко ниво, по завршување на средното училиште да се вработат во некои од компаниите.
„Преку ова ја намалуваме невработеноста, но и ги стимулираме младите да ги усовршат практичните вештини со кои ќе бидат поконкурентни на пазарот на труд. Образованието е најважниот столб на развојот на Македонија. Преку квалитетно и реформирано образование, младите ќе останат да ја градат сопствената иднина во Македонија. Нашата заложба е да обезбедиме иднина за сите и да ја вратиме надежта кај младите“, се додава во соопштението на Владата.
Македонија
Сончево време со температура до 35 степени

Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност.
Попладне претежно во западните планински региони ќе има појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 35 степени.
Македонија
Уште еден земјотрес синоќа почувствуван во Охрид и Струга

Земјотрес со јачина од 2,5 степени според Рихтер синоќа по полноќ го погоди охридскиот регион.
Потресот е регистриран во 00 часот и 48 минути, а потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга.
Според досегашните податоци со кои располага сеизмолошката опсерваторија, земјотресот е почувствуван во Охрид, Струга и блиската околина со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала.