Македонија
Кај спомен-клупата во Дебар Маало посветена на Горан Стефановски денеска се одржа настанот „Горан е тука“
Кај спомен-клупата во Дебар Маало посветена на Горан Стефановски денеска се одржа настан „Горан е тука“ по повод 73 години од раѓањето на познатиот драмски автор.
На местото каде што во 2019 година беше засаден чинар во негова чест – во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“ – љубителите на театарот, пријателите, семејството и почитувачите на делото на Стефановски се собраа да му оддадат почит.
Кај спомен-клупата посветена на уметникот се одржаа уметнички изведби кои потсетија на делото на Стефановски и на неговата трајна вредност за македонската култура.
Настанот опфати читање избрани текстови, изведени од Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска-Костовска и Трајанка Илиева-Вељиќ, музички сет на Игор Стефановски, синот на драматургот, пантомима на Дарко Вељиќ, настап на групата „Аудио Скопје“, живи статуи и учество на пријатели и колеги од театарот.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски истакна дека „Горан не беше само писател – тој беше совеста на едно време“ и дека „со секој збор создаваше светови во кои се огледува нашето минато и иднина“.
-Горан не е само спомен, тој е присуство. Преку новите културни сцени што никнуваат низ Центар, сакаме да ја пренесеме пораката дека културата е жив организам што нè обликува, ни дава идентитет и ни ја носи душата на времето. Чест ми е што ова центарско катче го носи токму неговото име. Горан е тука, во зборот, во мислата, во сцената што никогаш не згаснува. Ви благодарам што сте дел од ова заедничко сеќавање, истакна Герасимовски.
Настанот беше во организација на Здружението на граѓани „Тим Театрос К“, со поддршка од Општина Центар.
Горан Стефановски е роден на денешен ден во 1952 година во Битола. Почина на 27 ноември 2018 година во Кантербери, Обединето Кралство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

