Македонија
Кина ги укина визите за македонските граѓани

Кина објави дека ќе го прошири безвизниот влез за уште девет земји, меѓу кои и Македонија, во обид да ги поттикне туризмот и деловните патувања за да помогне во заживување на економијата.
Почнувајќи од 30 ноември, патниците од Северна Mакедонија, Бугарија, Романија, Малта, Хрватска, Црна Гора, Естонија, Латвија и Јапонија ќе може да влезат во Кина до 30 дена без виза, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Лин Џијан, јавува АП.
Со тоа, бројот на земји на кои им е одобрен безвизен пристап од минатата година ќе се искачи на 38.
Се чини дека додавањето на Јапонија ја одразува недамнешната подготвеност на Кина да ги подобри врските, кои делумно се влошија поради пожестоките разговори од Токио за тајванското прашање. Двете земји постигнаа договор во септември во нивниот спор за испуштањето во морето на пречистената, но сепак радиоактивна вода, од уништената нуклеарна централа „Фукушима“.
За трите месеци, од јули до септември оваа година, Кина забележала 8,2 милиони влеза од странци, од кои 4,9 милиони биле без визи, објави официјалната новинска агенција „Ксинхуа“ цитирајќи конзуларен претставник на Министерството за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Карпош денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека, денеска поради санирање појавен дефект на водоводна мрежа со пречник Ф-1 цол на ул. Копенхагенска, крстосница со ул. Стокхолмска во населба Тафталиџе, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Копенхагенска, Стокхолмска, Софиска, Његошева, Гаврил Лесновски и Петар Драганов во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 11:30 часот до завршување на интервенцијата.
Македонија
Аеродром, Сопиште и Зелениково денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од с. Долно Лисиче, општина Аеродром;
· во истиот термин од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на зградата на Алкалоид на ул. 3 -та Македонска Бригада., општина Аеродром;
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од с. Горно Соње, поточно улиците со бр. 10 и бр. 12, општина Сопиште;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од селата: Дејковец и Добрино, општина Зелениково.
Македонија
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд и со ретка појава на грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд и со ретка појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и со услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Денеска и во четврток ќе има изолирана појава, а од петок на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Од недела температурите ќе бидат во опаѓање.