Македонија
Кирил Лазаров: Престанете со корупција во политиката и политика во корупцијата
Став на Кирил Лазаров – сопственик на Никоб групацијата
„Последната корупциска афера на малверзациите со плацевите во Делчевско во кои биле вклучени и неколку луѓе, високо позиционирани во ЕВН, a во исто време и високо позиционирани партиски пајташи во ВМРО – ДПМНЕ, е само уште еден доказ дека корупцијата ги пуштила метастазите од туморот во секоја клетка на општеството, на најјако.
Дрскоста на пајташите одела до таму, што нивните апетити биле во насока да се збогатат за 1,5 милиони евра за само неколку дена, (што за чесен бизнисмен во Македонија би му требале едно 10 години) и за таа цел го довеле во заблуда целиот управен одбор на ЕВН, кој е еден од поголемите странски инвеститори во Македонија.
Но, суштината е дека корупцијата не би метастазирала до секоја клетка ако барем една политичка елита во овие 30 години не се обиде да аплицира некаков лек во организмот и да му помогне на системот барем да почне да се бори.
Тенденциозно користам медицинска терминологија во објаснувањето, затоа што корупцијата навистина почна да ја убива државата, системот, бизнисот и граѓаните. Буквално ги разболува и убива луѓето кои се во немоќ во рацете на ова чудовиште.
Корупцијата и криминалот се чудовиштето во Македонија веќе 30 години.
Тврдам дека она што го покажа пописната статистика оваа година е дека егзодусот што ни се случува во најголема мера е заради корупцијата, зошто? Едноставно, нема бизнис и економија кога има корупција, кога нема бизнис, нема ни пари ни работа. Толку!!
Каде најмногу се всади корупцијата како метастаза? Како и каде се храни чудовиштето овие 30 години? Секако од политиката и партиите кои како организми се гладни за пари и моќ. Затоа во овој период ќе гледаме радикализации, протести, лажен патриотизам во партиите. Буквално се ќе се прави за парите и моќта да останат. Партиите во Македонија опстојуваат со пари и моќ, не со знаење и мудрост.
А, кој ги води партиите овие 30 години?! Со, чесен број на исклучоци, луѓе кои не направиле ништо во животот, не создале ништо од нула, туку разгалени детишта кои татковците или чичковците или пак партијата им дале се во животот. На пример оние двајца од ЕВН кои се дел од криминалната шема ако не била партијата да ги реализира, која вредност би ја имале? Штом партија ти дава вредност и те факторизира, а не личниот труд, образование и работа, тогаш не вредиш ни пет пари, и таквите како нив треба да се искоренат од партиите и општеството.
Како понатаму и кога да кренеме глас?
Или ние бизнисмените, оние чесните да ставиме клуч на бизнисите и оставиме илјадници фамилии на улица и пребегнеме во Будимпешта, барем со законски стекнат имот (да ја оставиме иронијата на страна) или за да не бидеме соучесници и да кренеме глас, да размислиме кои алатки ги имаме на
располагање. Плаќаме даноци, вработуваме луѓе, купуваме технологии, но со вакво иселување за неколку години ќе пропаднеме, нема кој да работи.
Да почнеме да размислуваме како да почнеме да се бориме против коруптивното општество и коруптивните политички елити. Имаме должност кон семејствата и фамилиите кои работат во нашите фирми, а се повеќе бараат билет во еден правец. Бизнисмени и индивидуи, кренете го гласот и оставете ги партиите!!“, наведе Лазаров.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче обвинува дека власта удрила и по средните винарии
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во денешната изјава од Моклиште, Кавадраци, нагласи дека со новите критериуми за добивање субвенции владата директно ги оштетува средните винарии, а новите правила за субвенции одат во прилог на само неколку големи компании.
„Средните винарии имаат обврска да продадат, 30% од грозјето на најголемите една или две винарии, со цел да воопшто стигнат до субвенција. Сето ова оди во прилог на потребите на само една или две големи винарии. Лозарите, тие кои мака мачат на сонце на лозовите насади, малите винари, средните винари, сите се намерно оштетени, намалени им се парите или воопшто нема да можат да ги земат, што е една катастрофа за овој регион“, рече Филипче.
Тој додаде дека во новата Програма за субвенции во земјоделството и парите се скратени и условите за добивање субвенции се усложнети.
„Владата ја намалува и Програмата за субвенции во земјоделството во целост. Од 140 на 100 милиони евра. Значи за цела третина, помалку пари, кај сите сектори во земјоделството, сточарството, лозарството, поледелството, овоштарството и нема да имаат овие земјоделци доволно поддршка од државата како што тоа го имаше во времето на владата на СДСМ“, рече Филипче.
Во изјавата Филипче нагласи дека лозарите не можат да очекуваат позитивни вести кога станува збор за поддршката од државата.
„За жал, сметам дека лозарите оваа година немаат да има добри вести во однос на тоа што значи поддршка од страна на владата за развој на овој сектор. Овој сектор земјоделството во мало го означува пристапот на оваа власт генерално во државата. Кражба, пљачка и незаинтересираност за луѓето.Жалам, но оваа власт не се грижи за граѓаните, за државата“, рече Филипче.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.

