Македонија
Кисела Вода и „Биотек” им доделија здравствени ваучери на децата со попреченост
Со слоганот „Ретко е да си редок“, Општина Кисела Вода заедно со компанијата „Биотек“ го одбележа денешниот 28 март, Светскиот ден на лицата со ретки болести.
По тој повод, на децата со посебни потреби, во двете сензорни соби, што општината заедно со оваа компанија ги изгради минатата година, им беа доделени 25 ваучери во вредност од 6.000 денари, кои им овозможуваат педијатриски невролошки преглед, комплетна крвна слика и ЕЕГ по индикација.
„Симболично, денес, на Светскиот ден на лицата со ретки болести, кој во нашата општина е еден од многуте денови кога се подигнува свесноста за луѓето со ретки болести, компанијата ‘Биотек’ и Општината на дечињата со попреченост им доделија ваучери за невролошки преглед, а специјалистот што го врши прегледот ќе одреди доколку некое дете има потреба од ЕЕГ и ќе се изврши снимање, што би овозможило навремена дијагностика и ран третман. Дополнително, вредносниот ваучер опфаќа и целосна крвна слика. Сакаме да ѝ се заблагодариме на ‘Биотек’ како компанија што во повеќе наврати ја покажува својата општествена одговорност и со која веќе отворивме две сензорни соби, што ја поддржува и следи идејата на Општина Кисела Вода за овозможување целосен развоен потенцијал на овие дечиња. Се надеваме дека соработката во вакви и слични проекти ќе продолжи и понатаму, а ние како локална самоуправа ќе продолжиме и со самостојни инвестиции во насока на унапредување на условите за децата со попреченост и нивна социјализација. Секое дете заслужува еднакви можности за добра здравствена грижа и соодветен раст и развој“, велат од Општина Кисела Вода.
„На светскиот ден на ретки болести се приклучуваме кон кампањата за будење на свесноста за брз пристап до здравствена стручна нега и грижа, рана дијагностика на аутизам, други разни невролошки состојби и синдроми поврзани со епилепсии, но и без, атипичен развој кај децата што немаат аутизам, но се со разни посебни потреби. Ја потенцираме важноста за рушење на стигмата и изолацијата со која овие деца и нивните родители секојдневно се среќаваат при остварување на своите права. Да се обезбеди брз и ран пристап до стручна грижа и нега кај педијатар за развојно невролошко следење, ултразвучно следење на развојот на мозокот и рана ЕЕГ-дијагностика, а што е фундамент во раната дијагностика на невролошките состојби и синдроми, како што се аутизмот, АДХД, епилепсиите и епилептичните синдроми и раните структурни и наследни болести на мозокот. Со рана навремена дијагностика пред навршувањето на првата година кај детето овозможуваме шанса за добар терапевтски третман, добар невролошки развој и брзо вклучување и адаптирање кон образовните институции, како и оспособување на единката за самостојно функционирање“, изјави д-р Катерина Василева-Димовска, специјалист педијатар, која ја вршеше тријажата на дечињата.
„Групацијата Биотек продолжува со своите хуманитарни акции наменети за децата со специјални потреби. Оваа година, по повод денот на ретките болести, на децата на кои минатите години им дониравме сензорни соби и други помагала, со нашиот нов член на групацијата, Поликлиниката ‘Биотек’, ќе им подариме 24 ваучери за невролошки прегледи. Децата се нашата иднина. Ние се трудиме да ја помогнеме нивната иднина. Драго ми е што со раководството на Општина Кисела Вода делиме заеднички приоритети и преку заемната соработка овозможуваме афирмација на вистинските вредности. Денешниот настан е еден одличен пример за она што погоре го спомнавме“, истакна директорката на „Биотек“, Анкица Синадинова-Базерко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Возач загина во сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани, повредени жена и две деца
Триесет и деветгодишен маж загина, а три други лица, од кои две малолетни, се повредени во сообраќајна несреќа што синоќа околу два часот по полноќ се случила на експресниот пат Штип-Кочани.
Во несреќата која била пријавена во 2:24 часот изутрина, учествувало само едно возило. Автомобилот „рено лагуна“ со скопски регистрации излетало од коловозот во близина на клучката кај селото Крупиште.
Возачот – 39-годишен маж од Скопје – починал, а сопатничката и двете деца се здобиле со повреди и се пренесени во болницата во Штип.
Увидот во несреќата е во тек.
Македонија
Битиќи на велигденски јајца кај Спасовски кој му посака здравје низ целата година
Вицепремиерот Фатмир Битиќи бил на гости дома кај екс министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски по повод празникот Велигден.
„На гости во мојот дом беше другарот Фатмир Битиќи, по повод празникот Велигден, Христово Воскресение. Му посакувам здравје низ целата година“, објави Спасовски на социјалните мрежи.
Македонија
Мојсоска: Усеини од ДУИ доби 500 000 евра од ДПМНЕ во Охрид
Охридската гимназија, цела година е со раскопан двор. Учениците се заложници на неспособната локална власт, предводена од ДПМНЕ. Парите на изведувачот му се исплатени, а работата ни оддалеку не е завршена.
,,На изведувачот, само за реконструкција на дворот му се исплатени 230.000 евра од страна на Општина Охрид, за моментално оваа слика што ја гледате позади мене да биде ваква – грда, раскопана, каллива, нереконструирана…”, вели Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска, од местото каде веќе цела година се одвиваат наводните градежни активности.
Според Мојсоска, баснословната сума и тендерот за овој цела година – раскопан двор по кој газат учениците од Охрид, повторно се во рацете на т.н. ,,локален шериф” од ДУИ.
,,Овој тендер заврши во рацете на познатиот Нефи Усеини, кој е рекордер по бројот на дивоградби тука во општина Охрид. Дополнително, истиот овој човек доби 80.000 евра тендер – повторно од Општина Охрид за реконструкција на оградата од дворот на истово училиште. И како тоа да не е доволно, токму Нефи Усеини за оваа иста гимназија доби 50.000 евра за електрична инсталација. Сè на сè, овој познат функционер, Нефи Усеини, доби, речиси, 500.000 евра од страна на власта на ВМРО – ДПМНЕ.
Мојсоска потсети дека во минатото, токму Нефи Усеини, беше симбол на неказнивоста на функционерите на ДУИ.
,,Нефи беше ослободен за нападот на советникот. Нефи Усеини беше ослободен од кривично гонење кога неговата фирма, директно, го загадуваше Охридското езеро. А како симбол на владеењето на овој градоначалник во сенка, остана познатата дивоградба, Пицерија во Чинарот. За жал, и тука се постави дека без разлика кој е на власт, повторно локалните функционери на ДУИ, никој не може да ги допре”, додава Носителот на ИЕ5, Јована Мојсоска.