Македонија
Кисела Вода обезбеди 17 смарт тв и 8 смарт табли за основните училишта

Учениците од општинските основни училишта во Кисела Вода на настава ќе се вратат во технолошки поопремени училници.
Градоначалникот Ѓорѓиевски го посети ООУ „Рајко Жинзифов” во населбата Драчево, за каде се набавени седумнаесет смарт телевизори.
Паралелно, осум училници во ООУ „Партенија Зографски” ќе бидат опремени со нови смарт табли, како продолжување на процесот за унапредување на условите за одвивање на наставата и нејзина модернизација. Со денешната инвестиција, бројот на дигитални табли низ сите основни училишта во Кисела Вода се искачи на 52, како и 92 смарт телевизори кои се користат во наставниот процес.
Претходно Општина Кисела Вода обезбеди и компјутер за секој наставник и целосно го опреми кабинетот по информатика во ООУ „Круме Кепески”.
– Вложувањето во напредни технолошки алатки ќе го олесни процесот на совладување на наставниот материјал на учениците, ќе ја поттикне креативноста и иновативноста, што значи поквалитетно образование и создавање на образуван кадар кој во иднина ќе може добро да се презентира на пазарот на трудот. Оттука инвестициите во основните училишта кои се под надлежност на Општина Кисела Вода ќе продолжат со несмален интензитет во периодот што е пред нас, и во инфраструктурен и во смисол на на вложувања во нагледни средства, за што говори и денешниот настан – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари контра Фетаи: Неговата група брои помалку од 40 луѓе кои чувствуваат вознемиреност и вина

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари ја коментираше прес-конференцијата на неговите поранешни партиски соборци кои јавно денес излегоа со став дека остануваат во Влен, и не се согласуваат со неговите политики.
Таравари вели дека тоа е група од помалку од 40 луѓе на Арбен Фетаи (претходно го разреши од партиската функција), а чувствуваат мешавина од вознемиреност и вина.
„Анксиозноста е најлошото чувство кое човек го доживува…особено кога е измешано со чувство на вина! Продолжуваме помирно и посигурно од кога било кон Октомвриската победа која е блиску…многу блиску!“, пишува Арбен Таравари, претседател на Алијансата за Албанците.
Ставот на неговите поранешни сопартијци е дека Албанците сакаат да продолжи промената, а не враќање на старото, по најавите на Таравари за соработка и со ДУИ на претстојните локални избори.
Македонија
Албанците сакаат продолжување на промената, а не враќање на старото, велат неистомислениците на Таравари од Алијансата

Го слушнавме нашето членство. Се сретнавме со нашите активисти во секој град – од Липково до Струга. И пораката е јасна: Албанците сакаат продолжување на промената, а не враќање на старото. Ова беше истакнато на денешната прес-конференција на некогашните соработници на Арбен Тараври од Алијансата за Албанците, кои не се согласија со одлуката да ја напушти Владата.
На прес-конференцијата зборуваше ексминистерот од Алијансата, Азир Алиу, а присутен беше и Арбен Фетаи, којшто Таравари вчера го разреши од партиските структури.
Тие не се согласуваат со поличкиот правец кој го зазема Таравари, најавувајќи соработка и со ДУИ за претстојните локални избори.
„Во овој турбулентен политички период, кога стариот режим ги прави последните обиди да ја затемни надежта за промени, ние избравме да не реагираме брзо. Слеговме на терен, ги слушавме нашите активисти, разговаравме со партнерите и размислувавме – со смиреност и одговорност“, рече Алиу.
Оваа група од веќе поделената Алијанса, смета дека земјата има потреба од стабилност, развој, одговорно владеење и од Алијанса која нема да ja предаде довербата добиена од граѓаните. Тврди дека се залага за одговорност, а не поради лични интереси и целта е да не ја напуштат битката на половина пат.
Велат дека Алијансата не е создадена да биде ничија алатка. Таа е создадена да биде глас на граѓаните, промените, и еднаквоста.
На пресот беше истакнато дека денешната влада е постабилна од кога било, посветена на реформите и решена за интеграција. Алијансата за Албанците, како што додадоа, има клучна улога во овој процес, и тие нема да се откажат од таа мисија.
„Во однос на половичните состаноци на ограноците што се нарекуваат „партиски конгреси“ и кои шират поделби и етикетирања – тие не го претставуваат духот, ниту пак статутот на Алијансата. Изразуваме разочарување за навредите упатени кон албанската младина и жената во име на Алијансата, но нашата одговорност е да не го изгубиме правецот дури и кога другите се деградираат“, беше истаканато.
Додаваат дека ќе продолжат како рамноправен партнер во коалицијата ВЛЕН, со иста професионалност и посветеност – служејќи им на граѓаните со чест и решителност.
Крилото на Арбен Таравари во Алијансата за Албанците, претходно го разреши Арбен Фетаи од функцијата претседател на партиското собрание. Таравари изјави дека се исклучени и некои членови на Претседателството кои јавно се изјаснуваат против Алијансата за Албанците. Се работи за 8 од 46 членови. За Мимоза Муса, Таравари рече дека не е донесена одлука оти не е јасно дефинирано дали останува со Алијансата за Албанците, или со Влен.
Македонија
Арсовска најави фељтон: Спречивме над 150 незаконски обиди да се легализират дивоградби, ќе објавуваме едно по едно

Од понеделник ви најавувам фељтон, во кој ќе ги објавуваме едно по едно сите од наша страна констатирани и спречени незаконски постапувања и криминал, со аргументи и докази, за кои се’ уште никој не постапува од надлежните институции, објави градоначалничката Данела Арсовска на „Фејсбук“.
Тврди дека во градот Скопје во три (3) години спречиле над 150 незаконски обиди за легализации на дивоградби.
„Спречивме градење на асфалтни бази во населени места, поднесовме кривични пријави за УСЈЕ и други големи загадувачи за кои сите останати молчат, а ние трпиме секојдневни закани. Отстранивме тендераши, фирми кои работеле во интерес на партии и расчистивме со корупцијата“, рече Арсовска.
Како што додаде, за да нема простор за филозофирање и празна реторика, ќе покажат дека Градот постапувал веднаш, а некој друг си тера како и досега.
Арсовска вчера објави дека во Чаир продолжуваат нелегалните и криминални активности на, како што рече, принцезата на дивограбите и неговиот ментор, повторно во обид да ги прикријат трагите од тој криминал спроведен со спротивно на закон и диво градени објекти на државно земјиште. Рече дека на лице место затекнале работници кои биле непосредно ангажирани од сторителите на кривичното дело бесправна градба и узурпација на државно земјиште, им платиле во кеш и ги упатиле на лице место да ја скријат дупката со која го оштетиле булеварот и подземните инсталации на водовод, канализација и високонапонските кабли за струја. Арсовска сподели и видео.