Македонија
Кисела Вода со финансиска поддршка за жртвите на семејно насилство
Со цел да им излезе во пресрет и да обезбеди директна поддршка за лицата кои се соочиле со семејно или родово базирано насилство, општина Кисела Вода денес објави jавен повик за доделување на еднократна парична помош во висина од 2500 денари.
Оваа мерка е дел од Програмата за еднакви можности за 2025 година. Лица кои ќе се опфатат со мерката доделување на еднократна парична помош се лица, жители на општина Кисела Вода кои од Центарот за социјални работи се евидентирани како жртви на семејно/родово базирано насилство во периодот од 2024 и 2025 година, за што ќе треба да се достави потврда. Преостанатата документација потребна за аплицирање и сите други информации, се достапни на веб-страницата на општината, на огласните табли во сите урбани и месни заедници на територијата на општина Кисела Вода.
– Ова е мерка со која Општина Кисела Вода уште еднаш потврдува дека создава конкретни политики за социјална заштита, еднакви можности и достоинствен живот за сите. Покрај финансиската поддршка, испраќаме и јасна порака дека никој не е сам и дека локалната заедница стои зад секој оној што се соочил со насилство. Потребна е општествена мобилизација, но и системска поддршка. Затоа продолжуваме со креирање и спроведување на конкретни мерки кои овозможуваат заштита, помош и рехабилитација на жртвите. Ова е уште еден чекор кон посилна, почувствителна и праведна општина за сите, изјави градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Аплицирањето е овозможено од денес, 15 април и ќе трае сѐ до исцрпување на финансиските средства, но не подоцна од 30 септември 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Делото на Свети Климент Охридски е патоказ за негување на писменоста, националните вредности и создавање на успешни генерации
По повод празникот посветен на Свети Климент Охридски-македонскиот просветител, учител и темелот на нашата духовност и писменост, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија.
„Делото на Св. Климент Охридски, неговата посветеност на образованието и ширењето на словенската писменост, претставуваат трајна вредност на македонската државност и културен идентитет.
Неговата мисија не потсетува дека знаењето, трудот и човечноста се водилка кон напредок и општо добро.
А нашата заедничка обврска е да продолжиме да го негуваме она што е суштински дел од нашата татковина – јазикот, писменоста, наследството и македонскиот идентитет, да останеме посветени на унапредување на образованието, зачувување на културното наследство и поддршка на вредностите што го обединуваат нашиот народ.
Силата на државата произлегува од знаењето, достоинството и од грижата за сопствените корени, токму како што тоа го покажувал Св. Климент со своето животно дело.
Македонија да ја градиме преку генерации на образовани луѓе, генерации што ќе бидат носители на прогресот, на науката, на културата и на достоинството на нашата држава.
Овој празник не потсетува дека вложувањето во образованието и младите е инвестиција во иднината на нашата татковина.
Ликот и делото на Св. Климент Охридски ни покажуваат дека секое знаење што го даваме денес, ја гради Македонија утре“, пишува во честитката.
Македонија
Минчев со честитка за 8 Декември – Свети Климент Охридски
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод 8 Декември – Свети Климент Охридски.
„Нека е честит големиот христијански празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски.
Делото на Свети Климент, неговата посветеност на образованието и на создавањето силна духовна и културна традиција, останува траен темел на нашата историја и идентитет.
Неговиот пример не поттикнува да создаваме подобро општество засновано врз знаење, честитост и заемна поддршка.
Нека празникот ни донесе личен и колективен напредок, а во нашите домови мир, здравје и радост“, пишува во честитката.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

