Македонија
Клиниката „Жан Митрев“ официјално акредитирана како Европски центар за третман на дебелина – EASO Collaborating Centre for Obesity Management (COM)
Центарот за менаџмент на обезност (дебелината) при Клиника Жан Митрев се стекна со престижниот статус EASO Collaborating Centre for Obesity Management (COM) и е официјално акредитиран од Европската асоцијација за проучување на обезноста (EASO) за периодот 2026–2028 година, со што станува признат како водечки центар за третман на обезност на европско ниво. Оваа акредитација претставува највисоко европско признание во областа на третманот на обезноста и се доделува исклучиво на центри кои ги исполнуваат најстрогите медицински, научни и организациски критериуми, во согласност со европските и академските клинички упатства. Процесот на акредитација вклучува темелна евалуација од страна на EASO COM Working Group, која ја потврдува клиничката извонредност, мултидисциплинарниот пристап и долгорочната грижа за пациентите.
Со ова признание, Клиника Жан Митрев станува прв и единствен EASO-COM акредитиран центар во рамки на приватна здравствена установа во целиот Балкански регион, позиционирајќи ја клиниката како регионален референтен центар за современ, интегриран и научно заснован третман на дебелина.
EASO COM акредитацијата е директна гаранција за пациентите дека третманот на обезност во Клиника Жан Митрев се спроведува според највисоки европски стандарди и носи конкретни придобивки: лекување и примена на валидирани клинички протоколи, структуриран пациентски пат и континуирано следење на резултатите. Овозможува пристап до најновите научни достигнувања и современи терапии преку вклученост во европски експертски мрежи, размена на знаења и имплементација на најнови терапевтски пристапи во третманот на обезноста, како и соработка со врвни европски медицински центри во EASO COM мрежата, во креирање европски консензус-насоки и заеднички стручни иницијативи.
Центарот за менаџмент на обезност е раководен од д-р Џулиана Михајловска, специјалист ендокринолог, чија стручност, посветеност и професионализам беа клучни во процесот на стекнување на ова високо европско признание.
Третманот се спроведува преку мултидисциплинарен тим, составен од ендокринолог, генетичар, физиотерапевт, психолог, психијатар, како и други медицински специјалности по потреба, што овозможува сеопфатен, персонализиран и долгорочен пристап кон обезноста како хронично и комплексно заболување.
Со оваа акредитација, Жан Митрев Клиника уште еднаш ја потврдува својата мисија да обезбеди европски стандарди, медицинска прецизност и врвна грижа за пациентите, поставувајќи нови стандарди во современото здравство.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

