Македонија
Клиниката за хематологија воведе нова е-хематолошка амбуланта за пациентите со хематолошки заболувања
Во интерес на пациентите и нивното здравје, но и со цел да се поедностави комуникацијата меѓу матичните лекари и лекарите од Клиниката за хематологија, воведена е нова Е – хематолошка амбуланта за пациенти кај кои има сомнение за хематолошко заболување, малигно или бенигно, примарно или секундарно, соопшти Министерството за здравство.
Оваа интернет-амбуланта е врска меѓу матичните лекари кои ќе можат да испраќаат резултати или прашања околу споменатите заболувања, притоа пациентот нема непотребни трошоци за патување и чекање. Вoедно, поради состојбата и со коронавирусот, суспектните пациенти нема да имаат контакти со други лица.
Со оваа е-амбуланта, на здравствените работници од примарното и секундарно здравство ќе им овозможиме современи методи за специјалистичка консултација. Тоа ќе овозможи побрза дијагностика, а воедно ќе се надмине и стравот на пациентите од одењето на рутински прегледи во терцијалното здравство во време на пандемијата на коронавирус.
Универзитетската клиника за хематологија – Скопје во соработка со Министерство за здравство и Мој термин, покрај термините за редовна физичка амбуланта, на здравствените работници од примарното и секундарно здравство со оваа алатка, е-амбуланта, им овозможува закажување на консултативен преглед со хематолог за сите пациенти за кои имаат потреба од специјалистичка консултација.
Амбуланта за е-консултација е всушност телефонска и интернет-консултација (во “Мој Термин“) со матични лекари или пациенти и ќе функционира секој работен ден од понеделник до петок од 8:30 до 13:30 часот, со закажани термини на 15 минути.
Постапката за закажување слободен термин за е-амбуланта е на ист принцип, како и закажување на регуларната „физичка“ амбуланта.
Матичниот лекар треба да ја разгледа медицинската документација на пациентот, да се прегледаат најновите резултати од испитувањата (на пример: комплетна крвна слика) и да се формулира конкретно прашање за консултација кое ќе се наведе во упатот.
Консултацијата може да биде поврзана со дијагностика на пациентот, па хематологот да даде соодветна насока или, пак, консултација за редовна контрола на пациентот која во тој момент не бара физичко присуство и преглед на самиот пациент.
Во упатот матичниот доктор треба да наведе дали консултацијата ќе биде хематолог – пациент или хематолог – матичен лекар, кога треба да го наведе бројот на телефон на кој ќе може да биде повикан од клиниката.
Хематологот од клиниката на закажаниот термин телефонски ќе го побара пациентот или матичниот лекар според наведените информации во упатот.
Хематологот задолжително ќе внесе извештај во кој ќе наведе предлог за дополнителни иследувања, терапија и препорака или ќе назначи потреба од консултација на пациент со физичко присуство на клиниката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

