Македонија
Клиниката за хематологија со штанд на „Визер скопскиот маратон“ за впишување во регистарот на дарители на коскена срцевина
Универзитетската Клиника за хематологија – Скопје информира дека граѓаните на 4 мај, сабота, за време на одржување на „Визер скопскиот маратон“, може да се обратат на штандот бр. 20 на Клиниката и да се запишат во Националниот дарителски регистар на коскена срцевина.
На штандот ќе бидат ангажирани стручни тимови од универзитетската Клиника за хематологија – Скопје и Институтот за имунологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во Скопје, кои стојат на располагање да го објаснат процесот на зачленување во регистарот. Ќе бидат обезбедени услови за дарување на една епрувета крв – 5 милилитри кои се доволни за да се направи ХЛА-типизација.
„Со овој гест ќе станете дел од глобалното семејство кое брои над 30.000.000 доброволни дарители на коскена срцевина во светот“, велат од Клиниката.
Од таму потсетуваат дека во тек е националната кампања „Биди срцевина, биди херој“, која ја спроведува Клиниката за хематологија во соработка со Институтот за имунологија и хумана гентика при Медицинскиот факултет во Скопје, а со поддршка од Министерството за здравство.
Целта на оваа кампања е подигање на свеста за хуманост, промовирање на солидарноста и засилување на можноста преку запишување во националниот дарителски регистар, секој да може да се понуди да спаси човечки живот дарувајќи коскена срцевина.
Клиниката апелира до сите учесници на маратонот да ја покажат својата хумана и солидарна страна и да се впишат во регистарот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Арсовска во увид на изградбата на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска
Град Скопје продолжува со реализација на првата фаза на големиот проект за изградба на подземната инфраструктура на новиот булевар Хрватска, која опфаќа и нова водоводна мрежа која произлегува од градската програма за работа.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со екипи од ЈП Водовод и канализација Скопје и Секторот за планирање и уредување при Град Скопје, денес извршија увид во реализацијата на овој капитален инфраструктурен проект.
Во оваа фаза од изградбата на водоводната мрежа која се движи на трасата по новопроектираниот булевар Хрватска и заради формирање на прстенеста циркулациона мрежа и создавање на подобри хидраулички услови во градската водоводна мрежа предвидено е поврзување на двата магистрални доводи на вода Рашче со профил од Ф1600 и постоечкиот цевковод со профил од Ф700 на булевар Александар Mакедонски.
Со почеток на реализација на предвидениот магистрален цевковод со профил од Ф700 милиметри, по новопредвиден булевар Хрватска во првата фаза, започнати се градежните активности на поврзување на булевар Александар Македонски кај Естекада. Вкупната предвидена должина на магистралниот цевковод по булеварот Хрватска изнесува 2,8 километри. Реализацијата на овој дел од водоводната мрежа е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба.
Македонија
„Биди хуман- спаси живот”: крводарителска акција во Уставниот суд денеска по повод 60 години oд постоењето
Уставниот суд денеска организира крводарителска акција под мотото „Биди хуман- спаси живот” која ќе се одржи во периодот од 9 до 14 часот во просториите на Судот.
Акцијата за дарување на крв се реализира во соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија, на иницијатива на Уставниот суд, по повод 60 години од своето постоење.
Организирањето на оваа хумана активност е иницијатива на вработените од Судот и досега се пријавени над 30 дарители од Уставниот суд, меѓу кои и судии и советници од стручната служба.
Преку оваа крводарителска акција Уставниот суд изразува солидарност и хуманост и истовремено се придружува на апелите на Црвен крст за подигнување на свеста за донирањето на крв и мотивирање на поголем број на луѓе за доброволно дарување.
Македонија
Силен СДСМ во Собранието е потребен за иднината на државата, велат социјалдемократите
Граѓаните треба масовно да излезат да гласаат на 8 мај, со својот глас да ја поддржат идејата за напредна, слободна и европска држава, да го поддржат СДСМ и Коалицијата за европска Македонија, велат од СДСМ преку соопштение.
„Силен СДСМ во Собранието е потребен заради иднината на државата, за ДПМНЕ да не го донесе повторно режимот во најава, кој толку долго прогресивните сили во државата се трудеа да го срушат.
Ако десничарска партија како ДПМНЕ на гордиот наследник на Груевски добие преголема моќ, тоа ќе ги убие ЕУ перспективите, ќе ја загрози слободата и демократијата.
Доволно долго Македонија седеше во чекалната за Европа, додека други држави поминуваа, и никој не сака пак да се вратиме таму.
ДПМНЕ ќе ја одложува евроинтеграцијата во недоглед, тие немаат ниту план ниту пак се доследни во остварувањето на стратешките цели. Тоа го правеше и Груевски, тие само ќе продолжат кај што застана тој“, се вели во соопштението.