Македонија
Клиничката болница Битола доби дигитален мамограф
Во Клиничката болница Битола денеска беше пуштен во употреба новиот дигитален мамограф, кој е обезбеден преку проектот од ИПА-програмата за меѓугранична соработка Грција-Северна Македонија (2014-2020).
„Обезбедивме најсофистициран апарат за дијагностика на рак на дојка кој денеска се користи во сите современи светски клиники. Дигиталниот мамограф во споредба со (досегашниот) аналоген му овозможува на радиологот многу полесно да ги забележи и дијагностицира абнормалностите на дојката и претставува најсовремената метода за скрининг на рак на дојка во рана фаза. Неодамна, за првпат од функционирањето на мамографскиот скрининг воведовме и двојно читање на мамографските слики, кои се независно анализирани од двајца радиолози, со искуство во читање мамографски слики од минимум 800 пациентки. На овој начин ги реализираме нашите заложби за превентива, но и точна и прецизна дијагностика, што е од исклучителна важност за понатамошен третман на пациентката“, изјави министерот Филипче.
Истакнувајќи ја важноста од едукација на жените од тешко пристапните подрачја во регионот за редовни прегледи на дојка, Филипче потенцираше дека новиот дигитален мамограф е достапен за бесплатни, превентивни мамографски прегледи за сите жени во Битолскиот Регион, вклучувајќи ги и пациентките од тешко пристапните подрачја.
„Би сакал да истакнам и дека набавивме иновативна, биолошка терапија која претставува нов пристап во третманот на онколошките заболувања, а што е уште една значајна придобивка за пациентите заболени од рак, вклучително и пациентките заболени од рак на дојка“ – информираше Филипче, истакнувајќи дека првпат сите жени на коишто им е потребна терапија по операција или без операција на рак на дојка, отсега се покриени со целата терапија што им е потребна.
Директорот на Клиничка болница, Зоран Лазаров, посочи дека со овој проект од ИПА-програмата треба да се подобри здравствената заштита во пограничниот регион.
„Преку проектот нудиме скрининг (мамографија, ултразвучен преглед и медицински испитувања), ги едуцираме жените во врска со потребата од скрининг-услуги и редовни прегледи, а нашата цел е превентива, рано откривање на карциноми кај жените, затоа што ран третман и подобра прогноза може да доведе до намалување на стапката на морталитет и морбидитет. Конкретно во Битолскиот Регион ќе се спроведе скрининг на 200 пациентки во вид на мамографски прегледи и гинеколошки ПАП-тестови. Со организиран превоз ќе се носат пациентките од Новаци, Претор, Грнчари и Меџитлија во болницата за овие прегледи“, изјави директорот Лазаров.
Проектот е финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Министерството за локална самоуправа на РСМ со 15% од вкупниот буџет. Партнери во проектот се: Национална организација за обезбедување здравствени услуги од Солун, Интернационален универзитет на Грција од Солун, Општа болница Пела – Грција, Општа болница Гевгелија и Клиничка болница Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Панична пропаганда се за Петрушевски обвинувањата од СДСМ за реформите во ВМРО-ДПМНЕ
„Обвинувањата на СДС се класичен пример на панична пропаганда без факти и без аргументи“, рече денес пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, одговарајќи на обвинувањата од СДСМ дека место нови лица старата банда е реформата во ВМРО-ДПМНЕ.
„Факт е дека Драган Ковачки поседува валиден НАТО сертификат, што целосно ги демантира лагите дека бил ’одбиен од НАТО’ или дека не исполнувал безбедносни услови. Сѐ друго е злонамерна конструкција за дневнополитички потреби. ВМРО-ДПМНЕ спроведува внатрепартиски реформи согласно Статутот и со јасна цел, ефикасна, одговорна и европски ориентирана партија. Обвинувањата за наводна контрола врз институции и медиуми се неосновани и доаѓаат од структури кои со години ја злоупотребуваа државата и сега се плашат од одговорност“, рече Петрушевски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи Петрушевски, останува цврсто посветена на политиките што значат Македонија интегрирана во ЕУ, стабилен НАТО партнер и заштита на државните и националните интереси.

