Македонија
Клинч меѓу ексминистрите за здравство Сали и Таравари: Му посакувам успех да ги помири Рама и Курти, а јас обезбедив “Трикафта”
Инспириран од јавните настапи на мојот драг пријател Арбен Таравари, кој во времето кога бев министер за здравство изразуваше загриженост за мојата работа во ресорот здравство, сакам само накратко да видиме каква е состојбата денес во овој ресор, пишува на социјалните мрежи ексминистерот за здравство Беким Сали.
Понатаму тој прави споредба на периодот кога бил министер, односно од јануари 2022 до февруари 2023 година, и состојбите во здравството денес, коментирајќи дека е време Министерството за здравство да преземе одговорност и да ги слушне потребите на граѓаните.
„Најпрво му посакувам на Таравари успех во новата задача што си ја даде себеси, посредник кој ќе ги помири Еди Рама и Албин Курти. Нејсе… Како поранешен министер за здравство на Северна Македонија, имам длабоко чувство на одговорност кон благосостојбата на граѓаните на нашата земја и унапредувањето на нашиот здравствен систем. Во времето на мојот мандат, за прв пат успешно го обезбедивме револуционерниот лек Трикафта на пациентите со цистична фиброза, давајќи им приоритет на здравјето и благосостојбата на нашите сограѓани.
Обесхрабрувачки е да се види занемарувањето и рамнодушноста кон пациентите кои страдаат од цистична фиброза. Уште пообесхрабрувачки е да се слушне дека на пациентите им се ускратува третманот што го заслужуваат, а вознемирувачки е да се слушне навредливиот јазик што се користи од типот на „шоумените “ со што се покажува целосен недостаток на емпатија и разбирање. Едноставно е неприфатливо потфрлувањето на актуелниот министер да ги обезбеди потребните лекови за овие лица и начинот на комуникација со нив.
За време на мојот мандат за првпат беа отворени 8 специјалистички студии на Медицинскиот факултет при Државниот универзитет во Тетово. Денес имаме 0 нови специјалистички студии. Во времето кога јас бев министер за здравство, успешно обезбедивме приближно 14 милиони евра инвестиции, овозможувајќи опремување со современа опрема на болничките капацитети од градот Кавадарци па се до Струга. Само во Клиничката болница во Тетово се инвестирани 3,5 милиони евра опрема. Колку инвестиции имате во оваа болница и зошто нема? Дали се чувствувате подеднакво загрижени кога директорот на тетовската болница денес ви поднесе оставка?
Да не ги заборавиме и државните универзитетски клиники кои се исправени пред многу предизвици. Вознемирувачки е да се види недостатокот на стратегија или дури и план за решавање на овие проблеми.
Почитувани, овие аспекти немаат за цел да го дискредитираат или минираат актуелниот министер за здравство, туку да ги расветлат областите каде што можеме колективно да го подобриме развојот на нашиот здравствен систем и благосостојбата на нашите сограѓани. Време е Министерството за здравство да преземе одговорност, да ги слушне потребите на граѓаните, да ја подобри комуникацијата и да работи кон вистински решенија. Очекуваме транспарентност, отчетност и итна акција за подобрување на овие прашања. Заедно, да се заложиме за здравствен систем кој вистински приоритет ќе овозможува благосостојбата на граѓаните“, пишува Сали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.

