Македонија
Ковачевски – Агелер: Проевропските политички субјекти мора да го препознаат својот дел од одговорноста за да се осигури европската иднина
Премиерот Димитар Ковачевски се сретна со амбасадорката на САД во земјата, Анџела Агелер.
На состанокот беа разгледани претстојните активности што ги очекуваат двете земји во насока на зацврстување на партнерството и реализирање на заедничките приоритети, со акцент на неколку конкретни области.
Ковачевски и Агелер потенцираа дека стратешкото партнерство помеѓу Северна Македонија и САД е во фаза на унапредување преку зајакнување на соработката во рамките на стратешкиот дијалог и дека оваа динамика е поврзана со прогресивните политички определби на државата.
Во тој контекст реафирмирана е силната поддршка од САД во процесот што треба да овозможи севкупен напредок на земјата, а особено на планот на евроинтеграциите за што заеднички беше оценето дека е неопходно да се одржи европскиот правец и дека претстојниот чекор во Собранието на Република Северна Македонија е од клучна важност за тоа.
Споделен е ставот дека проевропските политички субјекти мора да го препознаат својот дел од одговорноста во овој момент за да се осигури европската иднина на македонските граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: 12 директори на Хирургија и министерот Илир Демири се виновни за сите откажани, одбиени и препратени зафати во изминативе 15 дена
„12 директори на Хирургија и министерот Илир Демири се виновни за сите откажани, одбиени и препратени зафати во изминативе 15 дена.
Повеќе од две недели пациенти ширум државата трпат последици од неможноста врз нив да биде направен медицински хируршки зафат.
15 дена директорите на Хирургија и министерот Демири не прават ништо да го санираат проблемот на Хирургија.
Раководителите во здравството назначени од СДС и ДУИ како намерно да го доуништуваат здравството во последните денови пред заминување.
Народот страда заради односот на СДС и ДУИ кон здравството.
За сите кои ја предизвикале штетата на Хирургија и за сите кои не правеле ништо да се санира ќе има одговорност“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
Македонија
Седум лица под истрага за улична продажба на дрога во Скопје
Скопското обвинителство донесе Наредба за спроведување истражна постапка против седум лица осомничени за дејствија на Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Двајца од нив се осомничени за продолжено извршување на кривичното дело, додека еден за помагање. Од декември 2023 година, во координирани активности на повеќе полициски единици, по наредби на јавен обвинител, се преземаа истражни дејствија, кои во текот на вчерашниот ден резултираа со претреси на повеќе локации. Кај осомничените кои се на возраст меѓу 28 и 50 години, беше пронајдена наркотична дрога – кокаин, марихуана, како и пари за кои постои сомнение дека потекнуваат од улична продажба на дрога.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за три лица, како и предлог за мерки на претпазливост за уште тројца од осомничените.
Македонија
Фестивал за домување: Домувањето мора да биде достапно за секоја категорија на граѓани
Вчера, по втор пат се одржа Фестивалот за домување во паркот на Франкофонија во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и Организацијата за домување и станари.
На овој фестивал, учество зедоа експерти од Шведска, Германија, Белгија и Меѓународната унија на станари кадешто дискутираа за унапредувањето на домувањето во Северна Македонија и се отворија прашања поврзани со домувањето и потребите на младите, пристапно и достапно домување, родовата перспектива во домувањето, правата на потстанарите, безбедноста и сигурноста во домувањето, одржливото домување, граѓанското учество во донесувањето одлуки и за многу други важни теми.
Во изјава за медиумите, проектната менаџерка во ФЕС Ивана Вучкова потенцираше дека најголем дел од станарите не се регуларно пријавени и заради тоа најчесто се соочуваат со предизвици како ненајавено поскапување на становите.
„Треба навистина да се пристапи кон соодветно регулирање на секторот, поголеми контроли, инспектори, нешто што кај нас за жал отсуствува. Меѓународната унија на станари се бори за максимална цена на домувањето до 25 проценти од расположливиот доход на граѓаните, а ние кај нас знаеме дека во добри услови надминува и 70%“, истакна Вучкова.
Претседателката на ОДС Маја Сталеска информираше дека недостасуваат регулирања на договорите за закуп, а потребно е закупувачите повеќе да се мотивираат.
„Исто така, особено е важно закупувачите да ги пријавуваат договорите, со цел сигурност на двете страни. ОДС се застапува да се заштитат правата на потстанарите. Доколку една цена е објавена 300 евра за некој стан, потребно е на таа цена да се пријави данок, а не дополнително да се накачува цената на станот, на терет на потстанарот кога станува збор за данокот“, рече Сталеска.
Претставничката на Меѓународната унија на станари Барбара Стенберген изјави дека секој граѓанин мора да има право на избор каде ќе живее, или во сопствен или во изнајмен стан.
„Ова мора да биде поддржано од земјата. Начинот на домување мора да биде различен, затоа што луѓето имаат различни потреби“, посочи Стенберген.
Дан Никандер од Меѓународната унија на станари рече дека пристапното домување е проблем насекаде низ светот.
„Можам да кажам дека е еден вид на глобална криза. И во поразвиените и во понеразвиените земји е тешко да се најде соодветно место за живеење. Тоа е проблем со кој ќе се бориме во иднина“, истакна Никандер.
На вториот фестивал се одржаа три тематски работилници кадешто учество исто така зедоа и Бени Бенџовски од Шведска унија на станари, Магдалена Спасовска од ТАКТ, Маргерита Маринели од Домување Европа, Алисија Смедберг од Шведска унија на станари, Ива Петрунова Урбан социолог и архитект, Билјана Дуковска од Платформа против сиромаштија, како и Маја Ацевска од Кризен центар Надеж.