Македонија
Ковачевски – Азески: Новата програма на СДСМ има мерки за економски раст, стабилна бизнис клима, нови и добро платени работни места
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска оствари средба со Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.
Како што известуваат од СДСМ, на средбата се разговарало за економскиот амбиент во државата, за заштита на интересите на бизнис заедницата како и поддршка на приватниот сектор.
Ковачевски на средбата истакна дека изминатите години, Владата и бизнис заедницата во земјата интензивно работеа на конципирање на барањата на стопанството и голем дел од нивните предлози и барања беа вметнати во владини мерки, како и во законски регулативи.
Соговорниците истакнаа дека изминатиов период континуирано се соочуваме со кризи, светсктата економско енергетска криза, пред тоа пандемијата, но со правилни економски политики, економијата се одржа ликвидна, стопанството е активно, се отвораат нови работни места, растат платите, пензиите, има инвестиции и во услови на криза, соопштуваат од СДСМ.
Политичката стабилност, е предуслов за економска стабилност и раст и во време на најголема криза, истакна Ковачевски на средбата. Над 2 милијарди евра само во изминатите 3 години се насочија кон граѓаните и компаниите, толку голема финансиска поддршка од државата никогаш досега немало.
Ковачевски на средбата истакна дека СДСМ, за престојните парламентарни избори е во завршна фаза на новата Програма, за мандатот 2024-2028 година, која предвидува многу нови мерки и политики, стабилен и предвидлив економски амбиент, економски раст, повеќе инвестиции, отворање нови и добро платени работни места како и унапредување на севкупните економски односи во државата, се додава во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања
АМСМ информира дека на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Како што стои во соопштението, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Купови со отпад на паркингот кај гробиштата во Бутел
Повторно купови со отпад на паркингот кај гробиштата во Бутел.
Поранешниот директор на АД „Пошта“, Јани Макрадули на својот Фејсбук профил објави фотографија од состојбата на гробиштата. Како што вели, ова е тажна слика за еден град кој системски се уништува.
Македонија
Земјава нема развиен концепт за менаџирање со дијабетесот, вели Велев
Во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари и Здружението на лица со дијабетес „Алегрија“, денеска во Градскиот парк во Скопје под мотото „Сѐ за нас – за нас“, се одржа едукативен настан за подигнување на свесноста за тоа како живеат лицата со дијабет.
Претседателот на Здружението на лица со дијабетес „Алегрија“, Диме Велев, рече дека со реализацијата на проектот се укажува дека лицата со дијабетес се нормални луѓе кои што се дел од заедницата и се придонесува кон уривање на стереотипите кои постојат за лицата со дијабетес.
„Почнавме реализација на проект за подигнување на свеста за користење на новите во технологии во менаџирање со дијабетесот, пред сѐ „CGM“ системите или системи за континуирано мерење на гликоза, за новите технологии во делот на апарати со дигитална размена на податоци, како и за рушење на стереотипите за тоа дека лицата со дијабетес се нешто посебни, тие се многу нормални луѓе кои што се во заедницата“, рече Велев.
Посочи дека целта на целиот проект е да се убедат властите дека луѓето кои што користат „CGM“ системи се работноспособни и присутни во заедницата, како и да се освестат за потребите на луѓето дека имаат многу кратко време за навремена реакција. Вели земјава нема примена на доволно развиен концепт на менаџирање со дијабетес.
„Сѐ уште имаме пречки, затоа што ние немаме доволно луѓе кои што се поставени на „CGM“ системи, во Македонија немаме примена на доволно развиен концепт на менаџирање со дијабетес. Кога сето тоа ќе се воведе, ќе се изгради сета таа нова дијабетес култура, дека е многу нормално да се користи, дека е многу поквалитетно да се користи, тогаш нема да има потреба од нови правила за некое право на човек со дијабетес после пет минути да отиде настрана да касне нешто или да се освежи и да се врати на работа или на училиште“, рече Велев.
Преку интерактивен собир, денеска лицата со дијабетес ТИП 1, особено младата популација до 25 години, имаше можност да се потсети на основните постулати при секојдневното живеење со дијабетес.
На настанот беа поставени штандови со глукомери и ленти за мерење на нивото на шеќер во крвта, како и штандови со корпи и обучени лица на кои граѓаните имаа можност да видат колку јаглехидрати содржи секое овошје или зеленчук.