Македонија
Ковачевски – Вајмарска тројка: Силна поддршка од Германија, Франција и Полска и очекување сите политички субјекти да ја потврдат европската ориентација
Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, попладнето се сретна со високите претставници од Вајмарската тројка, Лоранс Бун, државна министерка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, Ана Лирман, министерка за Европа и клима на Сојузна Република Германија и министерот за Европска Унија на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк, кои се во дводневна официјална посета на Скопје.
На состанокот е изразена јасна и силна поддршка на Република Северна Македонија за продолжување на преговорите со ЕУ и забрзани евроинтеграции.
Оценето е дека нашата држава во овој момент е пред неповторлива шанса да го направи клучниот исчекор во европските интеграции и да ја осигура европската перспектива, со можност за полноправно членство во Европската Унија до 2030 година.
Тоа, како што е констатирано, ќе придонесе кон задолжителна и забрзана имплементација на европските стандарди во сите области од значење на граѓаните, како што се унапредувањето на животниот стандард и владеењето на правото.
Исто така, заеднички е посочено дека проширувањето на Унијата, посебно во актуелниот контекст, не е само техничка процедура, туку геополитички приоритет на ЕУ.
Затоа, изразено е недвосмислено очекување, сите политички субјекти во државава да ја потврдат европската ориентација, со тоа што во Собранието ќе дадат поддршка на претстојните одлуки, коишто, како што е потенцирано, се дел од преговарачката рамка на Република Северна Македонија со Европската Унија.
Премиерот Ковачевски се заблагодари на претставниците од Вајмарската тројка за огромната поддршка на евроинтеграцискиот процес што ја имаат македонските граѓани и силното охрабрување до сите партии претставени во Парламентот, да продолжат да работат конструктивно на изградбата меѓупартиски консензус за слединиот чекор во преговарачкиот процес.
Тој ја нагласи важноста на поддршката, посебно од Франција, Германија и Полска, кои се трите мотори на проширувањето меѓу земјите членки на ЕУ, изразена и преку усвоената Резолуција во германскиот Бундестаг со којашто се потврдуваат и признаваат македонскиот јазик, идентитет и култура, засилената француска поддршка на Северна Македонија на европско ниво и континуираната гласна поддршка на Полска во ЕУ.
„Вашата поддршка го дава многу потребниот кредибилитет за европската перспектива на Република Северна Македонија и вашата посета е во многу важен момент за нас. Владата има силен политичкиот фокус кон обединување во Парламентот околу натамошниот напредок по евроинтеграцискиот пат, што е од суштинско значење за натамошното воспоставување на европските стандради во државата. Ние веќе сме Европа во мало и со тоа што правиме дополнување во Уставот со други етнички заедници кои живеат тука, испраќаме значајна порака и кон регионот и кон Европа, дека нашето место е во ЕУ“, рече Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

