Македонија
Ковачевски: Заемната доверба со Ватикан е потврдена преку заедничкото историско, културно и религиско наследство
Посетата на Ватикан и средбата со папата е една од централните активности за време на чествувањата што секоја година во Рим ги организираме по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, изјави премиерот Димитар Ковачевски, кој ја предводи државно-црковната делегација на аудиенцијата кај папата Францискo, светиот отец на Римокатоличката црква во Ватикан.
„Овој историски настан беше потврда за високото ниво на заемна доверба, разбирање и пријателство меѓу Република Северна Македонија и Ватикан. Нашата соработка и признание од страна на Ватикан е потврдена со тоа што ликовите, како што се света Мајка Тереза и светите браќа Кирил и Методиј, кои се дел од нашето заедничко наследство, Ватикан ги прогласи за покровители на Европа. Оваа пригода сакам да ја искористам и да ги потенцирам темелните историски и културни врски меѓу Северна Македонија и Ватикан како движечка сила за унапредување на нашата соработка во повеќе области“, нагласи Ковачевски.
Појасни дека е почната иницијатива за потпишување договор, односно конкордат помеѓу Северна Македонија и Светата столица, со кој, како што најави, ќе се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и ќе се унапреди соработката во области од заемен интерес.
„Од огромно заедничко значење и интерес е и натамошно унапредување на институционалната соработка меѓу Националната библиотека ‘Св. Климент Охридски’ и Ватиканската библиотека за соработка и размена на искуства во реставрацијата, конзервацијата и дигитализацијата на материјалите на книжното наследство, како и за соработка меѓу Архивот на Ватикан и Државниот архив на Република Северна Македонија“, рече Ковачевски.
Информира дека средбата со папата Франциско и средбата со државниот секретар Паролин биле искористени за разговор во врска со можностите за соработка во областа на високото образование со институтите на Ватикан.
„На мое огромно задоволство, со папата Франциско се согласивме дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето дејствување и политики. Во овој контекст би сакал да потенцирам дека почитувањето на разликите како еден од столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разните верски убедувања, како и негувањето на слободата и демократијата во Република Северна Македонија“, вели Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.

