Македонија
Ковачевски: Вложуваме во македонското високо образование според европски пракси, младите образовани луѓе ѝ се потребни на државата
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, се обрати по повод почетокот на академската 2023/2024 година.
Тој присуствуваше на првиот академски час и доделувањето индекси на новите студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а на настанот се обратија и министерот за образование, Јетон Шаќири, и министерот за здравство, Фатмир Меџити, како и Билјана Ангелова, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, и Светозар Антовиќ, в.д. декан на Медицинскиот факултет при УКИМ.
Ве повикувам заедно да направиме држава на успешни и среќни луѓе, кои ќе ја градат својата иднина во својата родна земја. Држава на амбициозни луѓе, луѓе што сакаат да направат повеќе, а не луѓе што ќе се жалат дека некој ги спречил и направиле помалку, истакна Ковачевски.
Клучно значење, според него, има квалитетот на високото образование, што го унапредуваме во соработка со универзитетите и со нашите стратешки партнери од Европската Унија и САД. Резултатите, како што рече, ги очекува на среден рок затоа што секоја квалитетна реформа бара време, бара човечки и бара финансиски ресурси. „Но, насоката е заземена – тоа е македонско образование по успешни европски пракси. Во 2018 година донесовме целосно нов Закон за високото образование, што ја гарантира академската слобода на дејствување и изразување и обезбедува повеќе права и можности за наставниот и научниот кадар, како и за студентите“.
„Во меѓувреме, го унапредуваме и студентскиот стандард. Преку Министерството за образование и наука доделуваме повеќе категории државни стипендии по разни основи. Повеќето од категориите стипендии ги изедначивме на сума од 6.050 денари месечно, што е зголемување за 80 % од претходно. За студентите, пак, кои се запишани на дефицитарни студиски програми по математика, физика и хемија, а од минатата година и на земјоделство, шумарство и ветеринарство – има месечни стипендии во износ од 18 илјади денари. Од лани воведовме стипендии и за студенти на студиските програми за превод, историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија, во износ од 6.050 денари“, потенцира Ковачевски.
Правиме пат, додаде Ковачевски, за членство во Европската Унија, во динамичен процес до 2030 година, за европски услови за живот, работа и развој.
„Заеднички ќе ја направиме оваа држава европска, со европско образование и здравство, и заеднички ќе ги поставиме основите за брз развој понатаму. Сметаме на вашата желба да ја направите оваа земја поубаво место за живеење, земја во која и вие и идните генерации ќе ја градат својата иднина.
Нам и вам ни е доделена таа благородна задача, да направиме нешто повеќе за нас, за нашите најблиски, за нашите семејства, за сите граѓани, тука дома, во татковината. Затоа што, ако не ние, кој? Ако не сега, кога?“, порача премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos

