Македонија
Ковачевски: ВМРО ДПМНЕ ќе ги затвори нашите ЕУ перспективи, СДСМ останува посветена на европска Македонија
„Ако ВМРО-ДПМНЕ повторно добие преголема моќ, ќе се соочиме со истото што го гледавме 11 години. Тоа ќе ги затвори нашите ЕУ перспективи, ќе ги затвори и независните медиуми и ќе стави крај на независното судство, ќе стави крај на една демократска држава во која денес секој може слободно да го каже своето мислење“, истакна пред граѓаните на Гостивар, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Од друга страна, рече Ковачевски, СДСМ останува посветена на европската иднина на Македонија и заедно со граѓаните кои веруваат во оваа визија, со упорна и посветена работа, ќе ја оствариме целта државата да стане членка на ЕУ.
„На 8-ми мај сите заедно одлучуваме за иднината на државата. Упатувам апел убаво да размислите кому ќе ја дадете довербата да ја води државата во наредните години. Размислете која партија како ја водеше државата кога имаше можност да биде власт. Потсетете се кој управуваше со државата, а кој владееше како крал и ја гледаше државата како негова лична своина.Кој носеше тешки, но позитивни и исправни одлуки за нашата иднина, а кој се крадеше од иднината за личен интерес и еве, денеска гледаме – за ништо друго освен сопствено, лично богатење“, потенцираше Ковачевски
Лидерот на СДСМ предупреди на опасната реторика на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ која може да ги потпали меѓуетничките тензии и ги повика граѓаните да не подлегнуваат на таквите манипулации.
„Оганот кој деновиве гледаме дека го распалуваат ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ по стариот рецепт од 2016 година може многу лесно да ги потпали тензиите кои успешно ги надминавме и ги оставивме во минатото. Нешто што успеавме да го унапредиме во последните 7 години на многу повисоко ниво од тоа што беше претходно и тоа го гледаме на секој чекор. Ние друга татковина немаме. Нашите деца заслужуваат да ја градат својата иднина, дома, тука каде што се родени.Во СДСМ имаме само една опција, да застанеме зад граѓаните кои веруваат во напредна и европска Македонија како рамноправна членка на Европската Унија и заедно, со упорна и посветена работа, да го оствариме тоа“, порача Ковачевски.
Тој истакна дека СДСМ и Коалицијата за европска иднина, со крената глава продолжуваат да чекорат по вистинскиот европски пат, кој е единствена опција за реални и суштински промени во државата. Ги повика сите слободоумни граѓани на Македонија, масовно да излезат на изборите на 8-ми мај и својот глас да го дадат за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и за пратеничките листи на СДСМ и на Коалицијата за европска иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

