Македонија
Ковачевски – Гарсија: Целосна поддршка за ЕУ интеграција, зголемување на економската соработка

Премиерот Димитар Ковачевски денеска го прими амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија. Хозе Луис Лозано Гарсија, кој од свое лично име и од името на шпанскиот премиер Педро Санчез му пренесе честитки за изборот на премиерот и новата Влада посакувајќи успешна соработка и остварување на програмата.
На средбата беше истакнато повеќедецениското пријателство и билатерални односи на многу високо ниво меѓу двете земји и беше искажана отвореност и волја за продлабочување на економската и трговската соработка, како и соработката во областа на туризмот, културата и образованието.
Премиерот Ковачевски ја повтори благодарноста за брзата ратификација на Протоколот за нашето членство во НАТО, од Парламентот на Шпанија и покрај пандемиските услови, со што се заокружи пристапниот процес на нашата земја како 30-та членка на НАТО.
Премиерот Ковачевски го информираше шпанскиот амбасадор за новата енергија и динамиката утврдена со неговиот бугарски колега, премиерот Кирил Петков, во однос на воспоставениот дијалог и акциски план на работните групи, кои, како што беше подвлечено, се добра основа за политички решенија на отворените прашања прифатливи за двете страни.
На средбата беше истакнато дека Кралството Шпанија дава јасна и недвосмислена поддршка за што поскоро отпочнување на преговорите на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Битола – Прилеп

Сообраќајот на регионалниот пат Битола – Прилеп е нормализиран, соопшти АМСМ.
Претходно од таму информираа дека поради случена сообраќајна незгода со жртва, пренасочен е сообраќајот на регионалниот пат Битола – Прилеп кај местото викано „Беровци“ кај бензинската пумпа на „Макпетрол“.
Македонија
Сообраќајна несреќа со жртва на патот Битола – Прилеп

Поради случена сообраќајна незгода со жртва, пренасочен е сообраќајот на регионалниот пат Битола – Прилеп кај местото викано „Беровци“ кај бензинската пумпа на „Макпетрол“.
Како што информира АМСМ, од 20.10 часот, сообраќајот е пренасочен по стариот пат.
Македонија
Спасен повреден чешки планинар на Шар Планина

Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово информира дека денеска во 16.42 часот на Единствениот повикувачки број 112 на ЦУК била добиена пријава од чешки планинар – скијач дека негов колега исто така чешки планинар е повреден додека планинареле и скијале на Попова Шапка и дека им е потребна помош.
„По примањето на информацијата дека треба да се извлекува и спасува повредениот на крајот од денот, пред да настапи ноќта, кога студот и видливоста се засилуваат и заради мракот и заради магла на одредени места, веднаш раководителот на РЦУК Тетово стапил во контакт со Националниот „Парк Шар Планина“ од каде што известиле дека тие стапиле во контакт со Горската спасителна служба на Попова Шапка, од каде потврдиле дека ги добиле координатите за локацијата на повредениот планинар. Потоа итно се упатиле со специјализирано возило за движење по длабок снег – „ратрак“, за да го извлечат повредениот планинар од местото на несреќата и да го превезат до центарот „Попова Шапка“. Кон тоа место на преземање на повредениот, паралелно со нивната спасителна акција за извлекување од повисоките снежни делови на Шара, од Итната медицинска помош од Тетово испратиле амбулантно возило за со него да биде пренесен повредениот до Клиничката болница во Тетово. Од ЦУК, преку Секторот за операции и координација, покрај ЈП „Национален парк Шар Планина“ и Итната медицинска помош, за настанот биле известени и „Елем Турс“ – државната компанија што стопанисува со Попова Шапка, Полициска станица (ПС) Попова Шапка, а и Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) Тетово“, истакнуваат од ЦУК.
Од ПС Попова Шапка, на почетокот на ноќта, во ЦУК била добиена повратна информација дека повредениот бил безбедно извлечен од планинскиот снежен повисок дел на Шара и на првата можна точка за преземање на асфалтен пат бил префрлен во возилото на Итната медицинска помош со што почнал транспортот, со медицински надѕор и нега според потребите, до клиничката болница во Тетово.