Македонија
Ковачевски – Гир: Потребна е кохезија за европската стратешка цел

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Дејвид Гир, шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата држава.
На состанокот е разговарано за актуелни прашања од значење за нашата држава, регионот и пошироко, во европски контекст.
Заеднички е констатирано дека 2023 година е значајна за Северна Македонија во однос на напредокот по европскиот пат поради што е неопходна и кохезија за реализацијата на оваа државна стратешка цел.
Оценето е дека геополитичката ситуација ја покажа потребата од јасна политичка ориентација на целиот Западен Балкан, каде што географски и припаѓа регионот. Дека за ова постои свесност и во Европската Унија и по 17 години од кандидатскиот статус и јулското отворање на преговорите лани, ова е момент што Република Северна Македонија годинава не треба да го пропушти.
Премиерот Ковачевски нагласи дека Владата работи на справувањето со предизвиците од економско-енергетската криза, на потребните реформи и со европски начин на однесување во добрососедските односи.
Претседателот на Владата, Ковачевски, изрази уверување дека нема да се дозволи провокациите што доаѓаат од трети страни да им наштетат на европската агенда на државата и на билатералните односи со Република Бугарија.
На средбата е разговарано и за досегашната успешна реализација на билатералниот скрининг со ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Во потрага по храна, мечка се качи на тераса од семејна куќа во Тетовско

Мечка се качила на тераса од семејна куќа во тетовското село Отуње.
Членовите на семејството биле во внатрешноста на куќата, па со мобилен телефон ја снимиле мечката качена на маса каде имало оставено храна, пишува „Тетово инфо“.
Според објавеното и во другите блиски села како Сетоле и Једоарце летово биле забележани слични примери на камери за видеонадзор.
„Мечките во потрага по храна, се движат низ селото, уништуваат сандаци со пчели и слично“.
Македонија
ОЈО со детали за големата акција: 13 лица под истрага за даночно затајување, перење пари и даночна измама, тргувале со горива

Денешната акција спроведена на повеќе локации низ државата е резултат на двегодишна предистражна постапка што ја водеше Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во тесна соработка со Управата за финансиска полиција, соопшти обвинителството.
Постапувајќи по кривичната пријава, надлежен обвинител од ОЈО ГОКК донел Наредба за спроведување на истражна постапка против 13 лица, меѓу кои се и четворица косовски државјани и една државјанка на Република Хрватска.
Осомничените се товарaт дека од 2014 до 2023 година организирале и учествувале во криминална група со цел стекнување противправна имотна корист преку даночно затајување, даночна измама и перење пари со што осомничените го оштетиле Буџетот на државата во големи размери. Групата креирала мрежа од правни субјекти преку кои се вршела продажба и фиктивна трговија со нафтени деривати, се изготвувале фактури со невистинита содржина, со цел да се избегне плаќањето на даночни обврски и да се оствари незаконски поврат на ДДВ. Преку правни лица што не поседуваат дозволи за трговија со нафтени деривати се вршела набавка, транспорт и продажба на Еуросупер, Еуродизел и Екстралесно гориво, со намера да избегнат целосно или делумно плаќање на законски предвидените даночни обврски. Продажбата во поголем број случаи се одвивала без издавање на фискални сметки и фактури, а средствата прибрани во готово не биле евидентирани во сметководствената документација. Осомничените странски државјани, кои формално биле назначени за одговорни лица во повеќе осомничени правни субјекти, немале регулиран престој во земјава, што организаторите на групата го користеле како начин за прикривање на нивната поврзаност со криминалното дејствување.
Воедно, организаторите на групата, од продадените нафтени деривати во готово пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на паричните средства со намера да го прикријат нивното движење, со што се стекнале со противправна имотна корист во големи размери, а за која знаеле дека е прибавена со кривичното дело Даночно затајување, при што сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за сите осомничени. До сега се обезбедени седум лица за кои е прифатен предлогот на обвинителството и судот со Решение им определи мерка притвор во траење од 30 дена, за останатите – петмината странски државјани и еден македонски државјанин мерката притвор ќе биде определена во отсуство.
Македонија
Муцунски-Јан Копман: разменети мислења за спроведувањето на реформската агенда, во фокусот и иницијативата „Роаминг како дома со ЕУ“

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре престојува во работна посета на Брисел, Кралството Белгија. Во рамки на посетата, денеска оствари средба со генералниот директор на Директоратот на Европската комисија за проширување и источно соседство, Герт Јан Копман.
На средбата беа разменети мислења за спроведувањето на реформската агенда, посветеноста на Владата да испорачува видливи резултати од реформските процеси, како и за Планот за раст како дел од пошироката европска поддршка за регионот. Муцунски нагласи дека Владата во изминатата година демонстрираше сериозна посветеност во исполнувањето на обврските од реформската агенда, постигнувајќи значителен напредок, особено во областите на дигитализацијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата, при што истакна дека овие приоритети остануваат во фокусот на Владата и во наредниот период.
Се разговараше и за регионалната соработка, при што беше нагласена активната улога и придонесот на Република Северна Македонија во рамките на регионалните иницијативи, како и кон стабилноста и безбедноста на целиот регион.
Соговорниците се осврнаа и на актуелните геополитички и безбедносни предизвици во Европа. Во таа насока беше потенцирана важноста од продолжување на поддршката за Украина и потребата од заеднички, координиран пристап во справувањето со последиците од руската агресија.
Во фокусот на разговорот беше и иницијативата „Роаминг како дома со ЕУ“, насочена кон постепено укинување на трошоците за роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Одлуката за оваа иницијатива се очекува да биде донесена на почетокот на следната година.
Муцунски уште еднаш ја потврди цврстата посветеност на Република Северна Македонија кон процесот на европска интеграција како еден од стратешките приоритети во надворешната политика. Тој ја истакна и целосната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и значењето на стратешкото партнерство со Европската Унија во областа на безбедноста и одбраната.