Македонија
Ковачевски: Главното прашање на овие избори е европската иднина на државата
Главното прашање на овие избори е кој има визија за иднината, а кој продава магла и само крева раменици? Кој ќе обезбеди напредок кон членството во ЕУ, а кој ќе го закочи тој процес и ќе не врати 10 чекори назад во минатото? Ние имаме конкретен план како да ја внесеме државата во ЕУ, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на митингот во Кисела Вода на кандидатот за претседател Стево Пендаровски.
„Не само визија, ние имаме конкретен план, имаме волја и знаење, заедно со нашиот претседател Стево Пендаровски, заедно со Коалицијата за европска иднина, како да ја внесеме државата во ЕУ до 2030 година. Владата предводена од СДСМ ја внесе државата во НАТО, со новата Влада предводена од СДСМ, државата ќе го исполни деценискиот сон за членство во ЕУ. Граѓаните знаат дека со СДСМ нема откажување. Знаат дека нема враќање назад“, рече Ковачевски.
Додаде дека го имаат докажано тоа, работејќи во услови на најголема економска и енергетска криза.
„И никого не оставивме сaм. Донесовме сет од 9 пакети со антикризни мерки преку кој ги поддржавме граѓаните и фирмите со 2,6 милијарди евра. Денес, платите и пензиите се на историски највисоко ниво. Навробетноста ја сведовме на рекордно ниски 12,6 проценти, додаде тој.
Јас речиси секој ден сум меѓу граѓаните. На улица, во парк, на пазар. Свесен сум дека има незадоволство од инфлацијата, корупцијата, владеењето на правото. Знам дека се уште има луѓе кои тешко врзуваат крај со крај. И прифаќам дека имаме грешки, дека има состојби во нашата држава за кои можело и морало подобро“, рече Ковачевски.
Според него, единствено влезот во ЕУ е гаранција за европски животен стандард.
„За да ја оствариме целта за членство ЕУ, потребен нѝ е претседател кој ќе ја поддржи европската визија. Модерен, прогресивен, граѓански човек. Токму тоа е Стево Пендаровски. Човек без црни дамки и грешки во првиот мандат, човек кој докажа дека за него сите граѓани се еднакви.
Граѓаните знаат дека СДСМ е најдобрата опција за иднината на државата. За точно еден месец од денеска, на 8-ми мај, ќе прогласиме нова голема победа за СДСМ. СДСМ ќе ја формира новата проевропска влада, а Стево Пендаровски повторно ќе биде претседател, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Кисела Вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

